Сите кои сакаат да видат снимки од времето кога возот „Ќиро“ сообраќал до Охрид, може да го погледнат краткиот документарен филм „Охрид експрес“ кој е објавен во 1972 година од страна на Џон Дејвидсон во продукција на „Les films de l’adagio“.

Овој документарен филм деновиве го објави порталот www.kicevo.mk  кој пишува дека филмот е посветен на кондуктерот, Петар Михајловски, од Охрид, за неговиот живот, предизвици и вредностите на времето во кое живеел.

-Вистинската вредност е што многумина од нас, макар на видео, ќе го видат за првпат „Ќирчо во акција“ низ кривулестата пруга. Многу сцени наликуваат на вестерн филм. Ќе видите и сцени кои одамна неможат да се видат во овие краишта, а биле вообичаени за минатото во Дебарца и Охрид. За „Ќирчо“ нема кој не зборува небаре како за човек. Има некоја неодолива харизма во тоа „чајниче“, пишува порталот „Кичево“ во својата објава.

Освен приказната за возот, документарецот ја покажува и сликата на Охрид односно крајбрежјето на Охридското Езеро и начинот на живот во тоа време, па вреди да се погледне.

OhridNews

Извор: www.kicevo.mk