Поради епидемијата со Ковид-19, општината Вевчани и двете василичарски друштва Горна и Долна маала официјално се откажаа од организацијата на карневалот по повод Василица – Стара Нова година. Сепак вевчанци не се откажаа од традицијата и самостојно, маскирани, во помали групи излегоа низ улиците преку маски, на сатиричен начин да покажат дел од настаните што ја одбележаа изминатата година. Поради групирање интервенираше полицијата, при што дојде до судир со василичарите, а имаше и приведени.

Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски информира дека интервенцијата на полицијата била поради непочитувањето на мерките и прописите за спречување на ширење на коронавирусот, односно забраната за групирање на повеќе од четири лица со што се загрозува здравјето на граѓаните во услови на глобална пандемија.

И покрај претходно постигнатиот договор на три одржани состаноци со лицата инволвирани околу одржувањето на оваа манифестација, да се почитуваат мерките и да нема групирање, денеска поголема група граѓани се собра во Вевчани, без почитување на мерките односно со недозволено групирање поради што мораше да интервенира полицијата, изјави Димоски.

По документирање на случајот, додаде, ќе бидат поднесени и соодветни пријави против прекршителите.

Апелираме до сите граѓани заеднички да придонесеме за спречување на коронавирусот, односно за зачувување на здравјето како на жителите на Вевчани, така и на сите граѓани, истакна Димоски.

Жителите на Вевчани, пак, се револтирани од односот на полицијата и велат дека немало потреба од интервенција. Посочуваат дека и во минатото имало тешки времиња, епидемии, војни, но карневалот секогаш се одржувал.

OhridNews