Политичката криза во Македонија наместо кон разрешница се движи во опасна насока која се заканува да ескалира во интеретнички и мултиетнички конфликт со несогледливи последици. Последните случувања кои како решение на длабоката политичка криза, корупцијата и криминал во општеството за кои јавноста дозна од прислушкуваните разговориза, понудија етнички агенди и национални платформи, сосема го дефикусира интересот на јавноста oд суштинските проблеми, која немилосрдно е втурната во бескруполозна битка на политичките елити, која се повеќе се разжестува.

Одлуката на претседателот Иванов да не го додели мандатот на лидерот на СДСМ и покрај тоа што тој обезбеди мнозинство во парламентот со образложение дека прифатил туѓа платформа, изготвена во туѓа држава, во кабинет на странски премиер која задира во унитарниот карактер на Македонија и ги загрозува националните интереси на земјата, предизвика лавина реакции, но и масовни протести на Македонците низ градовите на кои беше поздравен потегот на шефот на државата.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев одлуката на Иванов jа оквалификува како државен удар и побара претседателот да ја повлече истата, посочувајќи дека партијата работи на решение за надминување на ситуацијата.

Реагираше и меѓународната заедница. Очекувано Вашингтон и Москва имаат различни гледишта на случувањата во Македонија.

Американскиот амбасадор Џес Бејли порача дека е загрижен поради тоа што Македонија се одалечува од принципите на демократијата и владеењето на правото, пренесува „Макфакс“.

Коментирајќи ги последните политичките случувањата во земјата, откако во средата претседателот Ѓорге Иванов изјави дека нема да му го даде мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев иако ги има собрано неопходните потписи за тоа, Бејли на својот твитер профил напиша дека се согласува со процената на еврокомесарот Јоханес Хан, кој пак го повика Иванов да ја преиспита одлуката.

„Се согласувам со еврокомесарот Јоханес Хан. Загрижен сум поради тоа што Македонија се одалечува од принципите на демократијата и владеењето на правото, основните вредности на НАТО“, напиша Бејли на својот твитер профил.

Хан во средата вечер порача дека сите политички лидери, вклучително и претседателот Иванов, мора да го почитуваат исходот од неодмнешнтие избори. „Во демократијата, мора да се признае парламентарното мнозинство, дури и ако тоа не го сакате, порача Хан во среда преку својот твитер профил.

„Затоа, очекувам сите политички лидери и институциите да му дозволат на демократскиот процес да се одвива по својот тек, во интерес на граѓаните“, додаде тој.

Министерството за надворешни работи на Русија, пак, со спротивни пораки да престане надворешното мешање во внатрешните работи на Македонија.

Со загриженост констатираме дека политичката криза во Македонија, предизвикана од грубото надворешно мешање во внатрешните работи на земјата, се продлабочува, реагираат од руското министерство за надворешни работи.

„Преку активното делување на раководствата на ЕУ и НАТО се прават обиди на Македонците да им наметне т.н. „албанска платформа“, создадена во Тирана во кабинетот на премиерот и под мапата на Голема Албанија, илустрирајќи ги територијалните претензии кон делови од соседните Црна Гора, Србија, Македонија и Грција“, додаваат од руското министерство.

„Особено загрижува тоа што во оваа афера се вклучени и властите на еднострано прогласеното независно Косово, и веруваме дека оваа линија предизвикува опасност и се заканува со уништување на македонската државност и дестабилизација на целиот Балкан“, порачуваат од руското МНР.

„Сакаме да потсетиме дека на предвремените парламентарни избори на 11-ти декември 2016-та година, одржани на инсистирање на ЕУ и САД, победи владејачката партија на чело со Никола Груевски. Сега Западот и албанското малцинство сакаат на власт во Скопје да ја доведат поразената опозиција, прифаќајки ги ултиматумите на Албанците, што предизвикува ерозија на уставните темели во земјата“, предупредуваат од руското министерство.

„Продолжувањето на деструктнивните обиди да се наметне политика спротивна на волјата на македонските граѓани може само да ја влоши состојбата. Неопходно е да се сопре надворешното мешање во внатрешните работи на Македонија, и да се почитува правото на македонските граѓани самостојно да решаваат за својата судбина, во согласност со основнтие демократските принципи“, заклучуваат од руското МНР.

Недипломатски, дури и заканувачки реакции пристигнуваат од соседството.

Политичките случувања во Македонија се доста загрижувачки, претседателот Ѓорги Иванов ги злоупотреби Уставот и законите на еден непријателски и антиалбански пристап кон народ кој сочинува една третина од населението на оваа земја, порача во петокот косовскиот претседател Хашим Тачи, коментирајќи ја одлуката на македонскиот претседател да не му го додели мандатот за состав на влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев.

„Со неговата одлуката Иванов ја погреба демократијата, непризнавајќи ја волјата на граѓаните, Уставот и законите и го погреба Охридскиот договор. Албанците и Македониците се државотворни народи и Македонија треба да биде држава на сите свои граѓани. Без еднакви права на Албанците и Македонците се губи смислата на функционирањето на македонската држава. На крајот, Албанците треба да ја земат судбината на нивните права во свои раце“, порача Тачи.

Реакција на одлуката на Иванов во средата упати и албанскиот премиер Еди Рама, кој пак на македонскиот претседател му порача дека „албанскиот јазик не е јазик на непријателите, туку на еден државотворен во Македонија и дека без Албанците нема Макдонија“.

Лидетот на ДУИ Али Ахмети во изјава за медиумите, посочи дека Платформата на Албанците која предизвика силни реакции во јавноста и протести, е напишана во Скопје и на ниту еден начин не ја загрозува унитарноста на државата.

Уште пред изборите минатата година, ги поканив албанските опозициски партии да се соединат со цел Албанците да не изгубат од големата поделба на гласовите, но ова не се случи и албанците изгубија 9 мандати на пратеници во Собранието на РМ, напиша лидерот на ДУИ, Али Ахмети на својот Фејсбук профил.

 „Потоа, како победник на изборите и како лидер на најголемата албанска партија, ги поканив албанските парламентарни партии на заеднички состанок во Скопје за координирање на нашата агенда за заокружување на Охридскиот Договор и постигнување на еднаквоста. На оваа средба во Скопје, ги усогласивме ставовите во врска со очекувањата на Албанците и во секоја јавна изјава сум истакнал дека заедничката изјава на албанските парламентарни партии во Македонија е усогласена и напишана во Скопје и е врз основа на изборните програми  на сите албански кандидати на изборите на 11-ти декември“, вели Ахмети.

„Ова изјава на ниту еден начин или форма не ја нарушува државата, унитарниот карактер ниту пак станува збор за федерализација или поделба. Албанските партии не беа причина за системската криза во земјата и имајќи во предвид ова, ги повикувам албанските политички партии да се воздржат од претворање на системска и внатре-етничка криза во етнички судири меѓу двете најголеми етнички заедници на оваа земја. Исто така, ги повикувам македонските партии да се воздржат во нивното изразување на незадоволство од импликација на етничкиот елемент поради чувствителноста на нашето општество“, порачува Ахмети.

„Вас почитувани граѓани, ве повикувам да ја зачувате ладнокрвноста и да не дозволиме никој од нас да падне жртва на злонамерни сценарија кои потекнуваат од сомнителни адреси.  Ова е еден политички проблем и политичките партии како и институциите во земјата ќе го најдат најдоброто решение за граѓаните, но во меѓувреме, да веруваме на вистината а не на лагите“, заклучува Ахмети.

Реагираше и ВМРО ДПМНЕ, чии ставови се на иста линија со претседателот Иванов.

„Уцената која што ја прифаќа СДСМ има огромна цена, а цената нема да ја плати само СДСМ туку целата држава.

Прифаќањето на платформи на туѓи држави како основа за преговори и формирање коалиции е процес кој води во разградување и редефинирање на државата.“ – стои во соопштението.

Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница ја анализил политичката состојба после постигнувањето на договор меѓу СДСМ и ДУИ со кој беа обезбедени потписи за барање на мандат за составување на идната владина коалиција.

„Нетранспарентноста на целата постапка и криењето на договорот, остава огромен сомнеж за ризиците кои ги содржи истиот. Според ИК постигнувањето на договор со кој се одлучува за иднината на унитарна, суверена и мултиетничка Македонија зад затворени врати, креира тензии во земјата и го буди гневот меѓу граѓаните. Штетите предизвикани од ваквото постапување може да бидат огромни и далекусежни.

Затоа ИК на ВМРО-ДПМНЕ ја реафирмираше позицијата и ставот на партијата дека во конкретниов случај, помала е цената да се удоволи на желбата на СДСМ кој сака да се дограби до власт и покрај поразот кој го доживеа на минатите избори. ВМРО-ДПМНЕ би ја поддржала идната нивна влада, само доколку се откажат од уцените и целосно ја отфрлат платформата од Тирана.

Реализацијата на платформата од Тирана ќе значи целосно редефинирање на Република Македонија, нејзино претворање од мултиетничка во бинационална држава кој во подоцнежните фази ќе се федерализира, кантонизира и подели.

ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи реализирање на вакво сценарио кое е спротивно на државните и националните интереси и ќе застане на страна на народот кој на изборите не гласаше за платформата од Тирана. Напротив, мнозинството граѓани ја поддржа програмата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ и ВМРО има обврска кон гласачите да ја почитува нивната волја.“- стои во реакцијата.

Во Македонија денеска допатува високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини која попладнево започна средба со лидерите на политичките партии.

„Ја започнав мојата посета на Западен Балкан, вчера бев во Црна Гора, денес сум во Сараево и Скопје, а потоа во Тирана и Приштина“, напиша Могерини на својот твитер профил во пресрет на посетата на Македонија, која доаѓа непосредно по продлабочувањето на политичката криза, откако во средата претседателот Ѓорге Иванов одби да му го додели мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Предвидено е Могерини да одржи прес конференција по средбата со политичките лидери во земјата.

OhridNews
извор: „Макфакс“