Идејата на постоење на граѓанско општество е подобрување на демократските процеси, но за жал во Македонија поради долгата транзиција невладиниот сектор не е така развиен како во земјите од Западна Европа. Ова е оценка на експерти од проектот за Техничка поддршка на граѓанските асоцијации – ТАКСО,  во чија организација во Охрид се одржува Национата конференција на тема „Квалитетот во работењето на граѓанските организации“, која е помогната од граѓанската асоцијација „Мост“, Фондацијата за локален развој и Демократија ФОКУС, Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип и од Асоцијацијата за демократски иницијативи.

– Целта е да се промовира воведување на стандарди за квалитет во граѓанските организации, да се подобри квалитетот на услугите кои што ги нудат, како и одговорноста во нивното работење. Затоа на конференцијата во Охрид покрај домашни учесници има и претстатвници на граѓански организации од Словенија, Хрватска и од Б и Х, каде во тек е воведување специфични стандарди за подигнување на квалитетот на работата на невладините организации.-изјави Сунчица Саздовска од ТАКСО проектот.


Одговарајќи на новинарско прашање во врска со финансирање на граѓанските организации и можните злоупотреби на средства од донаторите, Саздовска истакна дека во јавноста е проширено стереотипно мислење за наводна злоупотреба на финансиски средства од страна на невладини организации и дека треба да направи добра анализа за да се увиди дали навистина тоа е така.

-Јас не велам дека нема такви случаи, секаде има позитивни и негативни примери, за жал ги има и во граѓанските организации, меѓутоа она што мене ми смета е донесување на заклучок од неколку инцидентни примери на евенттуални злоупотреби на финансиски средства., рече Саздовска

Во однос на влијанието на политичките партии, таа посочи дека  тие во голема мера ги злоупотребуваат граѓанските асоцијации, посочувајќи дека посебно актуелно ова прашање станува пред избори.

– Кога ќе почнат политичките кампањи  се појавуваат некои нови организации за кои до сега не сме слушнале ништо за нив, одеднаш стануваат многу активни па потоа одеднаш згаснуваат. Да има такви случаи, но јас би рекла дека сериозните организации опстануваат години наназад и успеваат да останат имуни на тие политички влијанија, истакна Саздовска.


Политички притисок врз невладини организации има и во другите држави во регионот, а особено на удар се организациите од областа на човековите права.

– Неминовно е граѓанските асоцијации кои се занимаваат со демократски процеси да влијаат на политиката, но и политиката да влијае на нив, особено на организациите од областа на човековите права на локално ниво на кои им е многу тешко да работат. Таков е случајот кај нас во Славонија каде нас не нарекуваа издајници затоа што не ја следевме главната политичка опција која е многу конзервативна.-изјави Николета Пољак, активист во невладина организација од Хрватска.

На конференцијата во Охрид, која финансиски е поддржана од ЕУ, учествуваат над 100 претставници на граѓански организации од земјата, како и гости од Словенија, Хрватска и Б и Х. Заклучоците од конференцијата ќе бидат основа за подобрување на квалитетот на работа на граѓанските организации во Македонија.

OhridNews