Проблемот со формирањето на спорните две паралелки во ОУ Гоце Делчев во струшко  Подгорци, каде настава на албански јазик следат 11 деца, создава тензии во селото во кое според жителите отсекогаш имало добар соживот. За паралелките кои  според Просветниот инспекторат незаконски биле формирани од општината Струга, директорот на училиштето  Фадил Сулејманоски не сакаше да зборува, укажувајќи дека проблемот треба да го решат институциите. И покрај љубезниот разговор, не ни беше дозволено да влеземе во учиштето и да видиме како се одвива наставата на албански јазик. Родителите на 11-те ученици, со кои се сретнавме во школскиот двор најпрвин се согласија да зборуваат, но по телефонскиот разговор кој го направи нивниот претствник се премислија и одбија да дадат изјава. Единствениот став кој тие досега го соопштија беше тој на протетстите пред Основниот суд во Струга каде се води постапка против нив. Тогаш тие побараа министерот за образование позитивно да се произнесе и да даде одобрение за работа на  спорните парарелки во О.У. „Гоце Делчев“ во Подгорци.

Во училиштето во Подгорци учат уште 40-на албанчиња, кои наставата ја следат на македонски јазик. Од Советот на родители на училиштето тврдат дека не распаравеле за отворање на паралеки на албански јазик во училиштето и дека нивното основање има политичка позадина, што може да предизвика сериозни последици.

– Одлука за формирање на такви опаралелки кај нас на Совет на родители не е помината, ниту дошла да се разгледа, тоа едноставно се случи преку ноќ, а Советот на родители нема одобрено такво нешто. Овде кај нас очигледно дека политиката е вмешана. Мала бројка на луѓе припадници на одредена партија го прават тоа, а не дека некој сака да учи, јазикот не е проблем но насилно се врши еден вид политичка асимилација, што се разбира дека може да предизвика проблем. – вели  Исо Демишоски од Советот на родители.

Во Подгорци има над 2000 жители, од мешан етнички состав, Македонци, Турци, Албанци, а голем дел на последниот попис се изјасниле како останати кои сега себеси се декларираат како Торбеши. За нив поимот Македонци муслимани е кованица од социјалистичкото минато, а тоа што дел ова население се декларира како турско или албанско иако ниту јазично, ниту етнички не припаѓа на овие народи, според  Шериф Ајрадиноски од торбешкиот културен научен центар „Румелија“ се должи на нивниот револт предизвикан од постојаните притисоци и обиди за асимилација.

Тоа што сега се случува е една трагедија за торбешите. Во Подгорци најмногу има Торбеши, но за жал политиката во минатото, па и сега оди до таму да човек секако може да се чувствува само не Торбеш. Мислам дека се ова е последица на револт искажан на нерационален начин. – вели Ајрадиноски.

Поддржувачите на тезата за Торбешите не се согласуваат со ставовите на стручната јавност која ги оспорува нивните тврдења и сметаат дека претстојниот Попис ќе биде вистински тест за оваа етничка заедница…

– По завршувањето на пописот ние ќе имаме конкретна бројка и ќе знаеме во чие име и за кого бараме права кои со закон, Устав и меѓународни конвенции ни припаѓаат. Засега бројката на нас муслиманите е смалена на 2500-3000 во Македонија. – посочува Ајрадиноски.
   
Неодамна во јавноста беше промовирана Торбешката декларација која  предизвика бројни полемики, особено кај Македонците муслимани, но нејзините автори сметаат дека имаат аргументи кои ќе придонесат да се разбуди свеста кај оваа етничка заедница, како единствен начин таа да се се одбрани од асимилација и да ги оствари своите права.

Г. Момироски