Со полноќна литургија во 21 часот започнува одбележувањето на големиот христијански празник Божиќ, за верниците од католичката вероисповед.

Отец Оливер Тантушев од Католичката црква „Светите Бенедикт и Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, вели дека утре за Божиќ во храмот ќе биде одржана свечена литургија со почеток во 11 часот.

По завршување на полноќната литургија денес членовите на семејството и нивните најблиски заедно вечераат во своите домови. Денес, за Бадник, се поставува посна вечера, вели отец Тантушев.

Додава дека Божиќ е еден од најрадосните христијански празници, денот кога се слави раѓањето Христово.

Најрадосен затоа што навистина ни се роди спасителот кој што долго го очекувавме и ни донесе радост, среќа и мир што е најважно. Овој празник е врв на целата божја објава кон нас, затоа што Бог вети дека ќе се роди како човек за да го спаси целото човештво. Затоа во таа смисла, Божиќ е голем празник кој носи спасение, вели отец Тантушев.

Отецот вели дека за самиот ден се прави Витлеемската пештера, местото каде што се родил Исус Христос, која е и соодветно украсена.

Нека им е честит празникот на сите кои го слават Божиќ по Грегорјанскиот календар. Нека Господ ги благослови сите и ни донесе мир пред се во душите, радост и бериќет, порачува отец Оливер

Инаку, според традицијата која ја пренесуваат верниците на 12-ти декември се сади пченица, која на полноќната литургија се носи на благословување. Според преданијата, колку овие растенија ќе пораснат толку ќе е среќата во годината што претстои.

Н.С.Ј.