Во рамки на чествувањето на Св. Климент Охридски, денес пред споменикот на патронот на градскиот плоштад беше положено свежо цвеќе од страна на делегација на Општина Охрид, претставници од институции кои го носат името на Свети Климент, претставници на политички партии и почитувачи на ликот и делото на Свети Климент.

Доделени беа и наградите на најдобрите поетски творби од Конкурсoт за најдобра поетска творба што го распишува градоначалникот на општина Охрид по повод Св. Климент Охридски – Патронот на Охрид, за стимулирање на творештвото на учениците од прво одделение до четврта година од средните училишта. Меланија Ристеска, Мирјана Дејкоска и Јасна Сиљаноска со своите литературни творби ја добија првата награда во трите категории, по што ги прочитаа своите творби пред присутните на градскиот плоштад.

Претходно градоначалникот Пецаков и претставница од Општина Охрид се поклони пред моштите на Свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон”- Плаошник, каде беше отслужена и света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа.

Свети Климент и денеска делува и помага на секоја христијанска душа која со вера и надеж искрено ја бара неговата помош. Затоа и легендата во Охрид вели дека свети Климент со фенер ноќно време шета по тесните охридски улици и им помага на оние кои со вера ја бараат неговата помош. По неговите свети молитви, семилостивиот Бог да ги услиши нашите молитви и да ни подари здравје и спасение, сега и во сета вечност, рече во обраќањето Митрополит Тимотеј.

Н.С.Ј./К.А.