Денес во чест на храбрите борци кои загинаа кај Српница, делегација на ОО на СБ Охрид и Дебрца положи свежо цвеќе на споменикот во с. Лешани и споменикот во Српница.

Пред присутните за значењето на настанот, зборуваше претседателот на ОО Гоце Георгиески.

Во пролетната офанзива што траеше скоро два месеци, непријателот не ја постигна својата крајна цел – уништување на нашите сили, воено политичките структури и освојување на слободните територии. Напротив, се создаваа нови народноослободителни единици, нови слободни територии и се воспостави Народна власт на сите простори. По офанзивата скоро цела Македонија стана слободна територија. Окупаторите се повлекуваа и ги задржаа само поголемите градови, во кои немаа никаква поддршка од граѓаните. НОВ и ПОМ со преку 100 000 борци, ја ослободи Македонија и со 15 – от Корпус учествуваше во конечното ослободувањето на Југославија, со што даде голем придонес во победата над фашизмот и нацизмот. Победата ја извојуваа борците и граѓаните на Македонија, без разлика на национална, верска и друга припадност, наспроти предавниците кои беа на страната на окупаторската, фашистичка власт.

На загинатите борци и жртви на фашистичкиот терор, нека им е вечна слава, да ги паметиме и не ги забораваме, рече Георгиески, а за овие настани и за НОАВМ треба да знаеме и од нив да учиме, потенцирајќи дека фашизмот и нацизмот да не се повторат.

OhridNews