Градоначалникот Никола Бакрачески не го прифати доставениот предлог на училишниот одбор од охридската гимназија „Св. Климент Охридски“- прв човек на установата да биде професорот Наум Јамандиев.

Од локалната самоуправа како причини ги наведуваат тоа што постапката не се водела согласно Статутот на училиштето и Деловникот за работа на Училишниот одбор, како и поради тоа што до Градоначалникот Бакрачески не биле доставени План и програма за работа на предложениот кандидат, што претставува основ по кој ќе се вреднува натамошенниот ангажман на кандидатот.

Дополнително, Државниот трудов инспектор постапувајќи согласно своите законски овластувања, во постапка независна од претходната, донесе Решение, со кое му се наредува на Училишниот одбор да ја поништи постапката заради констатирани неправилности во истата и за преземените дејства да го извести инспекторатот.

Училишниот Одбор е должен да постапи согласно Решението на трудовиот инспектор и да го поништи огласот и заради тоа, ќе следи нова постапка за избор на директор на Гимназијата.

OhridNews