По 20 години во државата се спроведува попис на население и објекти. Првпат освен прибирање на податоци директно од населението на терен, ќе се користат и податоци од таканаречената Претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваат сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата, рече во интервју за МИА, Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

 

Ова го забрзува целиот процес, што значи дека до крајот на годинава, најдоцна во јануари 2022 треба да бидат објавени податоците – кои ќе бидат од интерес и важност за речиси секоја сфера од живеењето и работењето во државата. Ќе добиеме точна бројка колку не има во државата и каде сме точно распоредени, ќе се добие прецизна слика за половата, старосната, образовната, економската структура на населението, бројот на објекти и слика на условите за живеење на населението, истакна Симовски.

Протоколот што е подготвен за спроведување на Попис во време на пандемија со Ковид-19 е многу строг и прецизен. Нашите попишувачи се запознаени со Протоколот, веќе им се распределени заштитени маски КН95 и средства за дезинфекција и точно знаат како треба да се однесуваат и што треба да направат при влегување во едно домаќинство.

Тоа подразбира правилно да ја носат маската, да побараат од домаќинот, доколку не носи маска, да стави маска, да ги дезинфицираат рацете пред да влезат во домот како и лаптопот со кој ќе го вршат попишувањето и доколку попишувањето се врши во затворен простор, да замолат да се отворат прозорците и распоредот на седење да биде со задолжителна дистанца од најмалку 2 метра. Секаде каде што дозволуваат условите се препорачува попишувањето да се спроведува на отворен простор и мислам дека временските прилики ќе ни го дозволат тоа, вели Симовски. 

Пописот ќе трае од 5 до 30 септември.

OhridNews