Вкупно 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови се евидентирани со Пописот што официјално заврши вчера, а траеше 26 дена, почнувајќи од 5 септември. Во дијаспората се самопопишале 204.805 македонски државјани, најмногу од западноевропските, а многу помалку од прекуокеанските земји.

Резултатите се очекува да бидат објавени до крајот на март 2022 година, за шест месеци од денот на завршувањето на Пописот.

Како што соопшти синоќа директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски, занемарувачка е бројката на оние граѓани кои одбиле да се попишат, но деновиве ќе биде собрана и точно ќе се знае колку се. Против нив ќе бидат покренати соодветни постапки. Бројката е занемарувачка, рече Симовски, и може да се изрази во промили, не во проценти.

Пописот е целосно успешно спроведен. Земјава покажа дека има капацитет да спроведе ваква тешка статистичка операција. Сите домови беа посетени, сите граѓани беа дел од пописот, а оние кои не беа опфатени, а се дел од базите на податоци, ќе бидат дел од пописот, истакна Симовски.

Тој информираше дека со комбинираниот метод се овозможи ефикасно следење на попишувањето.

Со помош на технички алатки се овозможи ефикасно следење на попишувањето и опфатот на единиците на пописот на терен. Изразено во бројки, тоа значи дека од опфатените објекти за живеење 91 процент беа предмет на попис, а девет проценти се објекти кои не се предмет на попис. Сите објекти кои беа предмет на попис беа посетени по неколку пати. Онаму каде што по неколкукратните обиди не се оствари контакт со граѓаните, тие беа повикани да се попишат во седиштата на општините. Оние кои тоа не успеаја да го направат, сепак ќе бидат дел од пописот, бидејќи се очекува да ги има во некоја од базите што ќе се користат при обработката на податоци, така што со сигурност знаеме дека целосно и успешно го опфативме населението кое во овој момент живее во државата, рече директорот на ДЗС и најави дека во наредниот период ќе продолжат следните фази од пописот.

Тој објасни дека прво, комисиите на пописните реони треба да ги финализираат завршните активности – прибирање на лап-топите, останатите пописни материјали и нивно враќање во Заводот, а потоа ќе почне процесот на обработка на податоците според утврдена програма и Акцискиот план.

OhridNews