Со измената на Законот за спорт во наредните три месеци спортските клубови од првите лиги во фудбал, кошарка, ракомет, со исклучок на одбојка до септември 2016 година, треба да се трансформираат во акционерски друштва.  Директорот на Агенцијата за млади и спорт, м-р Лазар Поповски, во интервју за дневниот весник “Вечер“ појасна дека очекува позитивни придобивки не само за спортот туку и за инволвираните во него.

Акционерскиот влог на еден клуб во а.д. треба да изнесува минимум 25.000 евра во денарска противвредност, а ќе има и право да го задржи брендот под кој настапувале дотогаш. Според директорот на со новиот Закон за спортистите ќе се реши и нивниот статус по завршување на кариерата, односно ќе можат да остварат право на пензија.

Колку спортски клубови досега се трансформирале во а.д.?

– Пред изработката на новите законски измени во делот на трансформација на клубовите во акционерски друштва остваривме неколку консултативни средби со спортските клубови и со националните спортски федерации и беа изнесени нивните предлози и идеи за професионализација на македонскиот спорт. Потоа следеше изработката на измените и дополнувањата на Законот за спорт, а и во оваа фаза оставивме можност федерациите и клубовите да дадат нивни согледувања, забелешки и предлози. По завршувањето на целокупниот законски процес на клубовите им дадовме период до 31 март 2012 година да ја спроведат трансформацијата, за да имаат време 2-3 месеци да се прилагодат на новите законски измени кои стапуваат на сила од јули 2012 година,а ќе ги опфатат спортските клубови од првите лиги во фудбал, кошарка и ракомет. Одбојкарите ќе имаат време до септември 2016 година. Прв спортски клуб кој се трансформира во акционерско друштво е ФК Вардар. Останатите клубови се во процес на трансформација и со нив сме во постојан контакт, одржуваме заеднички средби и консултации. По ФК Вардар во процес на трансформација се ФК Брегалница, ФК Охрид, КК МЗТ Скопје, КК Кожув додека останатите деновиве го започнуваат процесот на трансформација во акционерски друштва. Инаку, сите клубови имаат доволно време во предвидениот рок да ја направат трансформацијата, истакнува Поповски.

Што значи оваа трансформација за клубовите и кои се предностите за спортистите?

– Трансформацијата за клубовите и за спортистите значи многу. Со трансформацијата во а.д. ќе се добие јасна слика за сопственичката структура на професионалните спортски клубови – акционерски друштва. Со тоа клубовите ќе имаат можност да излезат од финансиските тешкотии, со што ќе понудат соработка и ќе привлечат голем број приватни компании, а исто така со добро раководење ќе имаат и можност да остварат профит, што ќе биде вложен во клубот. Самите вложувачки акционери ќе имаат свои права кои ќе ги остваруваат. Во делот на организацијата акционерското друштво – професионалниот спортски клуб ќе мора да има склучено договор за професионална работа на еден тренер за сениорската или два тренери за младинската конкуренција, склучен договор за професионална работа на медицинско лице и најмалку едно лице во редовен работен однос за административно-технички работи. Професионалниот спортски клуб ќе има обврска и задолжение да ги пријави професионалните спортисти за остварување на правата за пензиско, здравствено и социјално осигурување. Така, на крајот од спортската кариера спортистот ќе оствари право на пензија, со која ќе има сигурна издршка до крајот на животот. Во делот на младинскиот спорт професионалните спортски клубови задолжително мора да имаат пријавено младински клубови во сите категории во соодветниот спорт во кој се натпреваруваат, а младите и талентирани спортисти со тоа ќе добијат можност за квалитетен развој и поголем поттик за докажување, објаснува директорот на АМС.

Дали ќе има санкции за клубовите кои нема да се трансформираат во а.д.?
– Во нашиот случај не се работи за санкција. Да сакавме да има санкција, во Законот ќе ставевме парични казни. Се работи за воведување светски и европски концепт на работа на клубовите. Местото на спортските клубови што нема да се трансформираат или пак планираат и понатаму да функционираат во рамките на Законот за здруженија на граѓани, ќе го заземат екипите кои ќе ги исполнат критериумите за трансфер во акционерско друштво, односно екипи од вторите лиги кои ќе добијат повик од Националната спортска федерација.

Дали овој Закон им дава можноста спортистите да бидат и играчи и акционери во својот клуб?

– Секако дека им дава можност на спортистите да бидат и акционери. Но, не само спортистите, туку и на сите граѓани кои се симпатизери или поддржувачи за клуб за кој навиваат.


Колку трансформацијата на клубовите во а.д. би ги поттикнала спонзорите да вложуваат во спортот и дали со овој Закон инвеститорите ќе бидат ослободени од даноци?
– Трансформацијата многу ќе придонесе и ќе ги поттикне големите компании да вложуваат во македонскиот спорт. Секој што ќе инвестира во професионалниот клуб ќе има можност да биде акционер, да има право на глас и да учествува во носењето одлуки за иднината на професионалниот спортски клуб – акционерско друштво. Исто така, акционерските друштва – професионални спортски клубови во случај на остварена добивка на крајот од годината ќе имаат можност да ја реинвестираат повторно во клубот, а ставката на данок за оваа намена од страна на државата е 0%. Моментно компаниите кои имаат желба и сакаат да спонзорираат во спортот може да го користат и да се водат преку Законот за спонзорства и донации во јавните дејности. Покрај тоа, од неодамна во Собранието на РМ поминаа и законските измени во делот за ослободување од царина за донација на спортска опрема и спортски реквизити. Сметам дека ова ќе биде големо олеснување за спортските федерации. Но, ние нема да застанеме тука. По стапувањето на законските измени во делот на трансформацијата на спортските клубови во акционерски друштва, ќе направиме анализа како трансформацијата влијае во привлекувањето на големите компании во спортските професионални клубови. Ако има потреба, потоа ќе пристапиме кон креирање одредени законски предлози за даночно олеснување за спонзорите, вели Поповски.