СОС телефонот за семејно насилство кој функционира во рамки на Женски Центар “Бисера” е пред згаснување. Поради немање финансиски средства постои опасност наскоро оваа линија, која со години служеше како подршка на лицата- жртви на насилство, да биде затворена.


– Охрид, по Скопје и Куманово беше третиот град во земјава во кој во 2004 година  беше отворен СОС телефонот. Започнавме со наши средства и пред се со голем ентузијазам, но сите овие години се соочуваме со бројни тешкотии од финансиски апект поради што наскоро размислуваме да ја затвориме линијата, објаснува претседателот на ЖЦ “Бисера”, Наде Мартиноска.

Таа потенцира дека неколку пати досега од нивна страна биле изработени проекти за одржување на СОС телефонот и кои биле испратени до Локалната самоуправа и до други фондации, но тие не биле прифатени.  


– Сите ние сме свесни дека во Охрид 50% од популацијата се жени и знаеме колку насилство трпат голем број од нив. Нашиот СОС телефон служеше тие да се јават, да зборуваат за својот проблем, а едукаторите кои работеа на телефонот помагаа преку совети, а во посложените случаи лицата се упатуваа до СВР- Охрид, Општата болница или пак Центарот за социјални грижи со кои уште при отворањето на СОС линијата потпишавме договор за соработка, вели Мартиноска.

Како што истакнуваат од центарот, жртви на насилство не се само жените, туку и децата и мажите. Многу од нив помошта ја барале преку СОС линијата плашејќи се тоа јавно да го кажат до институциите.

Податоците покажуваат дека во Охрид и Струга семејното насилство е во подем. Годишно до надлежните органи се пријавуваат над 100 случаи на семејно насилство.

Т. К.