Фрескоживописите и иконописите на црквите во охридскиот регион  најчесто ги конзервираат и валоризираат експерти од странство, затоа што меѓу вработените во охридскиот и струшкиот Завод и музеј нема конзерватори на фрески и икони. Историчарите на уметност сметаат дека речиси е недозволиво Охрид, кој е заштитен од УНЕСКО и кој има огромен број на средновековни црковни објекти, да не раполага со ваков професонален кадар.


– Голема штета е нашето културно и историско наследство да ни го конзервираат странци. Причината за оваа состојба е секако и недостигот на ваков стручен кадар во нашата земја, бидејќи тука нема високообразовна установа од која би излегувал ваков кадар, велат дел од историчарите на уметност.

Потребата од ваков кадар ја потенцира и акедемик Цветан Грозданов, кој смета дека дипломците кои завршуваат академија за ликовни уметности во Македонија и што имаат наклонетост кон културното наследство треба  да се испраќаат во светските центри каде што се работи на највисоко ниво на обука за конзервирање за да може да се се стекнат со знаење и искуства.

Охрид е најбогат град со фрески на Балканскиот Полуостров, според квадратура и  доколку се исклучи Света Гора бидејќи тоа е регион. За сите епохи на христијанската уметност Охрид е основен двигател и изворник. Потврда на тоа е и Галеријата на икони која е една од петте најголеми во светот, вели академик Грозданов кој нагласува дека конзерваторскиот кадар мора да се гради во континуитет, за во иднина и Македонија да може да формира Конзерваторски центар за обука.


Поради недостигот од ваков кадар, иако неопходно, не е извршена интервенција врз голем  број од иконите во земјава, нагласува и директорот на Завод и музеј- Струга, Сашо Цветкоски.

–    80 проценти од над 30.000 евидентирани икони во Македонија  се во фаза во која е неопходна интервенција и треба да се конзервираат. Но, во ваква ситуација и недостиг од кадар, за да се изврши ваков зафат врз нив потребни се стотици години, вели Цветкоски и додава дека проблемот е уште понагласен затоа што засега во Македонија нема и институција која врши верификација на дипломите за вршење конзервација добиени во некоја од странските земји, со цел потоа овие лица да се вработат во македонските институции.

Последниот голем проект за конзервација на фрески во Охрид, се одвиваше во  црквата „Св. Богородица Перивлепта“ под раководство на конзерваторските експерти Донатела Зари и Карло Џантомаси од Италија, додека за  проектот за заштита на автентичната архитектурата на овој значаен културен објект ќе се погрижи, Алкис Препис од Грција, кој е долгогодишен архитект во УНЕСКО.

OhridNews