Бројни реакции во јавноста предизвика повторното раскопување на дел од плоштадот „Чинар“ кој веќе беше реконструиран. Од политичките партии реагираат дека градот се копа пред туристичката сезона и дека само по два месеци од реконструкција повторно се копа кај пешачката зона во градската чаршија од Корнер до Вајкики.

Од СДСМ Охрид посочуваат дека единствениот успех на локална власт е да го ископаат градот пред туристичка сезона и тоа на тазе поплочениот дел од чаршијата.

При извршената контрола на терен, надзорниот орган, кој како независен и стручен субјект има обврска да ја следи изведбата согласно проектот, техничките стандарди и договорените услови, констатираше одредени неправилности во поставувањето на коцката на почетокот од пешачката зона, со површина од околу 45 метри квадратни. По утврдената состојба, до изведувачот е издаден налог за корекција на изведбата и за целосно усогласување со проектот и предвидените технички спецификации. Прередувањето на коцката и сите градежни активности се на товар на изведувачот, велат од Општина Охрид.
Воедно, истакнуваат дека Општината нема да прифати решенија кои отстапуваат од предвидениот квалитет, а сите забелешки од надзорот задолжително ќе треба да бидат отстранети пред продолжување и прием на работите.
Целта е реконструкцијата на плоштадот „Чинар“ да се реализира квалитетно, безбедно и во интерес на граѓаните, додаваат.
Инаку, со реконструкцијата на просторот околу плоштадот „Чинар“ се предвидува плоштадот да добие нов и модерен изглед, со нова урбана опрема, канделабри, осветлување со лед светилки, фонтана, садници и клупи, канти за отпадоци. Вредноста на проектот е 45.000.000 денари, а средствата се обезбедени од буџетот на Општина Охрид.
Н.СЈ.













