Бројни реакции во јавноста предизвика повторното раскопување на дел од плоштадот „Чинар“ кој веќе беше реконструиран. Од политичките партии реагираат дека градот се копа пред туристичката сезона и дека само по два месеци од реконструкција повторно се копа кај пешачката зона во градската чаршија од Корнер до Вајкики.

Како може само пред еден месец да се реконструира тој дел од чаршијата, а сега повторно да се врши реконструкција, прашуваат од Левица ЛО Охрид, потенцирајќи дека механизација повторно е на терен и се копа истиот дел од градската чаршија.

Од СДСМ Охрид посочуваат дека единствениот успех на локална власт е да го ископаат градот пред туристичка сезона и тоа на тазе поплочениот дел од чаршијата.

Континуирано се следи текот и квалитетот на градежните активности за рекострукција на плошадот „Чинар“ преку стручен надзор ангажиран согласно законските процедури, велат од Општина Охрид, потенцирајќи дека повторното раскопување на веќе поставените коцки е поради утврдени неправилности

При извршената контрола на терен, надзорниот орган, кој како независен и стручен субјект има обврска да ја следи изведбата согласно проектот, техничките стандарди и договорените услови, констатираше одредени неправилности во поставувањето на коцката на почетокот од пешачката зона, со површина од околу 45 метри квадратни. По утврдената состојба, до изведувачот е издаден налог за корекција на изведбата и за целосно усогласување со проектот и предвидените технички спецификации. Прередувањето на коцката и сите градежни активности се на товар на изведувачот, велат од Општина Охрид.

Воедно, истакнуваат дека Општината нема да прифати решенија кои отстапуваат од предвидениот квалитет, а сите забелешки од надзорот задолжително ќе треба да бидат отстранети пред продолжување и прием на работите.

Целта е реконструкцијата на плоштадот „Чинар“ да се реализира квалитетно, безбедно и во интерес на граѓаните, додаваат.

Инаку, со реконструкцијата на просторот околу плоштадот „Чинар“ се предвидува плоштадот да добие нов и модерен изглед, со нова урбана опрема, канделабри, осветлување со лед светилки, фонтана, садници и клупи, канти за отпадоци. Вредноста на проектот е 45.000.000 денари, а средствата се обезбедени од буџетот на Општина Охрид.

Н.СЈ.