Новиот режим на сообраќај за дел од општина Охрид, предвидува новини и во одвивањето на сообраќајот на улицата „Македонски Просветители“ и „Кеј Маршал Тито“.

За разлика од минатата година, „Кеј Маршал Тито“ од кружниот тек до пресекот со улицата „Ванчо Николески“, годинава, ќе биде отворена за сообраќај, а затворен ќе биде делот до пресекот со улицата „Јане Сандански“, кој ќе се користи како пешачка површина и каде ќе бидат преместени детските реквизити кои изминативе години беа поставувани на просторот пред хотел Палас.


Сообраќајот ќе функционира и во продолжението, поточно од пресекот со улица „Јане Сандански“ до пресекот со улица „АСНОМ“.

Улицата „Македонски Просветители“ од раскрсницата кај Охридска банка до кружниот тек кај градскиот плоштад ќе биде еднонасочна.

– Со тоа добиваме нова слика и можност семафорскиот систем кај Охридска банка да е тростран и не како до сега со чекање од 100 секунди. Целта е да се пропуштаат возила кои доаѓаат од Кичево, Св. Наум и од Битола, а времето на чекање да се намали за околу 30 секунди, објаснува Зоран Шикалески од Секторот за сообраќај при општина Охрид.


Како што напоменуваат и од Советот за безбедност на сообраќајот на патиштата, годинешниот режим се разликува од минатогодишните и е чекор напред во однос на зголемување на безбедноста во сообраќајот, заштита на најмладата популација како учесник во сообраќајот и непреченото одвивање на сообраќајот низ улиците на градот.

– За ефикасна реализација на новиот режим, неопходна е соработка со СВР- Охрид, во однос на примената на репресивните мерки при непочитувањето на патната сигнализација, како и соработка со граѓаните кои треба да ги надминат сопствените интереси и да го почитуваат режимот, бидејќи тоа е за доброто на сите, нагласува Томислав Тунтев од Советот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Т.К.