Жители од улицата „Кузман Капидан“  се жалат дека неколку куќи се оштетени поради тешката градежна механизација која деновиве минува по улицата каде во тек е изградба на нов објект. Тие објаснуваат дека немаат против градежните активности, но потенцираат дека проблемот е што патот нема капацитет за движење на камиони кои тежат повеќе од два тона.

– Уште во 2002 година жителите од овој дел од градот потпишаа петиција за да не поминува тешка механизација по што беше поставен и сообраќаен знак. Сега знакот го нема, но условите се исти, при секое минување на големите камиони куќите се тресат како да има голем земјотрес па затоа и дојде до пукање на ѕидовите од неколку објекти, велат жителите.

Денес по пријава на граѓаните интервенирала и полицијата по што било кажано дека од утре тешката механизација ќе биде заменета со полесни возила.

– Полицијата по нашите пријави интервенираше, возилата заминаа, но штом си отиде полицијата камионите се вратија и продолжија со работа, велат револтираните жители.  

Од СВР Охрид најавуваат казни за возачите на камионите.

– Сообраќајната полиција ќе изрече мандатни казни за возачите на товарните возила кои не ја почитувале одредбата за забрана за движење во стариот дел од градот, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Жителите апелираат до надлежните да се преземат сите потребни мерки со цел во иднина во стариот дел од градот да не се движат тешки возила, кои предизвикуваат оштетувања на нивните имоти.

Т.К.