Поранешниот премиер Никола Груевски е осуден на две години затворска казна за незаконската набавка на луксузниот Мерцедес, кој чинеше 600.000 евра, jaвува „Телма“. Пресудата ја изрече судијката Добрила Кацарска, која истакна дека Груевски влијаел во случајот Тенк. Извршител на набавката е Ѓоко Поповски, поранешен помошник министер во МВР, на кој судот му пресуди шест години затворска казна.

Груевски побарал од поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска да спроведе јавна набавка за мерцедесот, а таа го потикнала Ѓоко Поповски да ја фаворизира компанијата Мак Ауто Стар. 

Судијката Кацарска рече дека Груевски ги потценил и омаловажил граѓаните бидејќи зад нивен грб во тајност го набавил Мерцедесот по лична желба. Груевски не беше присутен на изрекувањето на пресудата, пренесува „Телма“.

Oдбраната на Груевски изјави дека е незадоволна од пресудата и најави дека ќе поднесе жалба. Според неа не постои основа за кривично гонење на осомничените во предметот „Тенк“.

По соопштувањето на пресудата пратениците на ВМРО ДПМНЕ ја напуштија работата на Собранието.

OhridNews