До шест пати повисока цена на струјата од досегашната, предвидуваат понудите за договори за електрична енергија во угостителските објекти во охридско-струшкиот регион. Угостителите велат дека новата цена ќе ги доведе на раб, и дури се подготвуваат за затворање на објектите.
Досега плаќавме 80-100.000 денари, со новата цена ќе треба да плаќаме до 650.000 денари, тоа е за нас апсолутно неиздржливо и се подготвуваме да го затвориме ресторанот и да чекаме подобри времиња. Во ресторанот моментално работат 18 луѓе кои најверојатно ќе останат без работа. Бидејќи се наоѓаме на периферија, периодот на успешно работење и онака е многу краток, сега со поскапување на струјата влегуваме во 100 процентна загуба, вели Ѓорѓи Угриноски основач на првиот ресторан во Вевчани „Виа Игнација“ кој работи повеќе од 35 години.
И од Асоцијацијата на хотели на Македонија посочуваат дека неколкукратното поскапување на струјата во однос на минатата година ќе биде тежок удар за секторот. Како што вели претседателот на ХОТАМ Крсте Блажески, поскапувањето на струјата започнало уште од почетокот на годината.
Ние веќе имаме поскапување на струјата уште од почетокот на годината. Оваа година поголемите потрошувачи имаат договори кои им истекуваат во февруари, март, април итн. Ако порано цената била по 4,7 денари во последниот период стигна и до 11 денари. Многумина се жалат на тоа што не можат да потпишат договор и едноставно одат на понудата од ЕВН и добиваат многу високи цени на струјата, што секако е оптоварување на сите сектори, вели Блажески.
Тој додава дека постојано се разговара за тоа дека треба да се плаќа повисока цена на струја, но не гледа некакво решение. Блажески вели дека хотелите во последните три месеци работат со 10 отсто капацитети, а државна помош во вид на субвенции било побарана да започне уште од ноември, но поради политичката криза никој не ги слушал барањата на секторот.
Од ЕВН Македонија образложуваат дека развојот на меѓународните енергетски производи директно се одразува врз индустриската цена на струјата во државава, бидејќи компаниите својот снабдувач го одбираат на отворен пазар. Снабдувачите ја купуваат електричната енергија од трговци на големо или директно на берза, а цената за регионот на Југоисточна Европа се одредува на Берзата за електрична енергија во Будимпешта каде цената на базниот производ достигнала до 337 евра за мегаватчас.
На пазарот на електрична енергија во Европа Европа од почетокот на 2021 година се забележува огромен раст на цените на стоките. Цената на гасот пораснала за 600 %, јагленот 250% и CO2-EUA (дозволи за емисија на јаглерод диоксид) за + 300%. Истите тие се важни за производството на електрична енергија и затоа имаат директно влијание врз цената. Цената на електричната енергија на Берзата за енергија во Будимпешта(HUDEX) за последните 12 месеци за Базниот производ порасна од 57 евра за мегаватчас на 1 јануари, до 337 евра за мегаватчас заклучно со 23.12.2021, информираат од ЕВН.
Главните причини за оваа невообичаена ситуација во Европа се зголемувањето на побарувачката за електрична енергија предизвикана од неочекуваниот брз раст на пазарите којшто се јавува како пост-ковид ефект, релативно ниското производство од ветерните централи во цела Европа, зелена агенда во Европа и очекуваното избегнување на енергија произведена со користење на јаглен, бавното надополнување на резервите на гас во Европа и оттука, недостатокот од гас и јаглен, посочуваат од ЕВН.
K.A.
















