Вообичаено се вели „После дождот сонце“ ама тоа за охриѓани одамна не важи. За жал и  најмалиот дожд предизвикува вознемиреност кај граѓаните на Охрид. А како и нема кога улиците се преполни со вода која никаде не се одлива. Наместо во шахтите водата се враќа по улици, дворови, домови. Оваа фотографија  што ја испраќа еден наш читател е само потврда на проблемите на охриѓани.

Пред десетина години Охрид со странска донација и кредити започна милионски проект за Еколошка заштита на Охридското Езеро. Беше извршена сепарација на атмосферската од фекалната канализација и беа изградени повеќе километри нова канализациона мрежа. Од тоа изгледа нема никакво „фајде“ зошто фекалните води повторно се мешаат со атмосферските, канализацијата не функционира, а некој дебело го наплатио сето тоа.

За жал одговорност од изведувачот и техничките лица кои извршиле прием на „фаличниот“ систем досега не е побарана. Градот не така одамна беше целосно раскопан, а граѓаните се убедуваа дека тоа е за нивно добро, дека од утре ништо веќе нема да се соочуваат со старите проблеми. И пак се’ е исто, само отидоа нервите на граѓаните и милиони евра во неврат. И никој за тоа не одговарал.

Г. Момироски