Комитетот за заштита на светското наследство на УНЕСКО на 44 сесија што се одржува во кинескиот град Фуџоу, вчера, усвои одлуката за состојбата на заштитеното културно и природно наследство на Охридскиот регион, со која Охридскиот регион останува и натаму на Листата на заштитени подрачја. На предлгог на Босна  и Херцеговина, на Македонија и Албанија им се дава дополнителен рок за имплементација на препораките на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2020 година и решавање на проблемите кои ги загрозуваат уникатните вредности на Охридскиот регион.

Со оваа одлука Охридскиот регион избегна деградирање, односно ставање на Листата на заштитени подрачја во опасност.

Според премиерот Заев, одлуката на Комитетот за светско наследство е најсилно предупредување дека сите мораме да се вложуваме и постојано да го штитиме охридското, македонското, светското наследство.

Во периодот што претстои, заедно со Албанија, ќе ја засилиме соработката и координацијата со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со Европската Унија и другите стратешки партнери, со цел соодветна рехабилитација и за бескомпромисна имплементација на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион. – истакна непосредно по донесувањето на одлуката Заев.

Тој потенцираше дека регионот бил уништуван со години наназад и сега четири години се малку за да се врати назад, директно обвинувајќи ги политиките на ВМРО ДПМНЕ за девастирањето на универзалните вредности на Охридскиот регион.

Вчерашната консензуална одлука на Комитетот за светско природно и културно наследство на УНЕСКО за Охридскиот регион е вистинска потврда за нашите досегашни заложби, во исполнувањето на дадените препораки, вели градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески.

Ова особено се однесува на успешните и сериозни активности кои Општина Охрид ги реализираше во делот на отстранување на бесправните градби, уредување на крајбрежјето и доследното почитување на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство. За мене оваа одлука е нова енергија и мотив да продолжиме уште посилно во спроведување на решенија, кои ќе значат зачувување на статусот на светско наследство, што веќе 40 години го поседува овој регион. – истакна Георгиески.

Според пратеничката од опозициската ВМРО ДПМНЕ Велика Стојкова Серафимовска, лошите извештаи на УНЕСКО за Охрид се резултат на последните 4 години.

Тој извештај не е заради некои војни или природни катастрофи туку само и единствено од несовесно менаџирање, рече Стојкова Серафимовска на синоќешната трибина на ВМРО ДПМНЕ во Охрид.

Жестоки реакции на одлуката на Комитетот за светско наследство, упати неформалното еколошко движење Охрид SOS. Според Охрид SOS измената на одлуката на предлог на БиХ, е грешка која ќе има далекусежни последици за Охридскиот регион.

Аргументот на претставникот на Босна и Херцеговина беше дека: „со поместувањето на Листата на светско наследство во опасност само ќе ги демотивираме“. Зарем може да се демотивираат повеќе? Па ако македонските институции и власти беа мотивирани за заштита на Регионот, немаше воошто ни да дојде до тоа на две последователни седници на УНЕСКО да се бара впишување на Охридскиот Регион на листата на загрозени наследства. Она што гледаме дека ги мотивира се интересите на урбаната мафија и лажирањето – замајувањето на јавноста со продуцирање документи и минимален, спорадичен, најчесто стратешки кампањски ангажман на терен, толку колку да има што да се напише во бедните 30 страници (сосе слики) до Центарот за светско наследство. Да беа мотивирани, енергијата која ја трошат на убедување да добијат дозвола за уништување, ќе ја пренасочеа на одлучна акција за справување со заканите кои го доведуваат во прашање опстанокот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. – стои во реакцијата на Охрид SOS.

Според Охрид SOS, грижата, и целиот товар на исполнување на обврските кон УНЕСКО уште од 2017 година, се исклучиво на македонските власти и македонските институции. Организацијата упати сериозни критики кон Комитетот за светско наследство, обвинувајќи дека неговите политички номинирани претставници, покажале исклучителна непрофесионалност и своеволно ги менувал одлуките на експертските тела на УНЕСКО.

На овој начин, владите си купуваат дозвола за уништување на сопственото светско наследство – бескрупулозно профитираат од јавното и го третираат како да е нивна приватна своина. Конвенцијата за светско наследство, која државите потписнички се согласиле да ја почитуваат, наметнува обврска за заштита и зачувување на скапоцените природни и културни добра кои нивните земји имале среќа да ги имаат. Согласно со тоа, обврската на Комитетот нужно вклучува објективна проценка во склад со утврдената состојба од страна на стручните тела на УНЕСКО и носење одлуки кои ќе бидат одраз на принципите на кои Конвенцијата се темели. Но, тоа не е веќе одлика на Комитетот. Комитетот и по пропуштање на сите досегашни рокови, и од 2017 и од 2019 г., одлучи на македонските власти да им даде дозвола за дополнително уништување на Охридскиот Регион. – смета Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ.

Со ваквото работење, делегациите сериозно го доведуваат во прашање кредибилитетот на институцијата која ја претставуваат, на УНЕСКО воопшто, велат од Охрид SOS.

Статусот Светско природно богатство заштитено од УНЕСКО Охридското Езеро го стекна во 1979 година. Една година подоцна и Градот Охрид беше додаден на списокот заштитени културно-историски вредности, така што Охридскиот регион стана едно од само 38-те мешовити природни и културни подрачја во светот признаени и заштитени од УНЕСКО. Во 2009 година беше покрената иницијатива за впишување и на албанската страна на езерото и крајбрежјето под капата на УНЕСКО, така што десет години подоцна во 2019 година регионот беше проширен на двете страни од езерото опфаќајќи вкупна површина од 94,7 хектари.

Г.М.