Ноќеска на зградата во која е сместена филијалата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на РМ во Охрид поставена била двојазична табла на македонски и албански јазик, која утрово била скршена, информираа вработени во институциите сместени во објектот.

Вработените во институциите сместени во оваа зграда не сакаа јавно да зборуваат за инцидентот. Рекоа дека ги изненадило поставувањето на двојазичната табла и дека не знаат кој ја скршил и што се случило.

Раководителот на филијалата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на РМ во Охрид, Самет Ризвани, во изјава за медиумите истакна дека поставувањето на таблата нема врска со актуелниот политички момент, туку се работи за тековна активност на надлежната институција посочувајќи дека освен во Охрид, таблите на фондот се заменуваат и во другите општини.

Ризвани смета дека не е важно кога е поставена таблата, а чинот на кршење според него претставува вандализам. Додаде дека надзорната камера, ставена на зградата во која се наоѓа филијалата на фондот, го снимила инцидентот кој е пријавен во полиција и очекува сторителите да бидат најдени и соодветно казнети. 

Се очекуваат повеќе информации да соопштат надлежните институции.

OhridNews