Поставена спомен плоча на куќата во Охрид каде е роден д-р Анастас Коцарев, охриѓанец, патриот и светски признат лекар онколог кој иако краток својот живот го посветил на науката и преку своите патриотски дела се вградил во борба на македонскиот народ за своја држава.

Во насока на зачувување на ликот и делото на д-р Коцарев во Куќата на Робевци денес беше уредено катче каде беа поставени Орденот „Илинден 1903“ кој постхумно го доби вчера, како и единствениот портрет со негов оригинален потпис. Воедно беше најавена иницијатива за именување на плоштадот „Чинар“ со името на д-р Анастас Коцарев, како и префрлање на неговите мошти во Охрид.

Во годината кога одбележуваме 95 години од смртта на доктор Анастас Коцарев и 136 години од неговото раѓање, д-р Анастас Коцарев вчера доби високо државно одликување Орден „Илинден 1903“ за неговиот придонес во борбата на македонскиот народ за својата држава, а денес со градоначалникот Кирил Пецаков откривме спомен обележје на неговата родна куќа, рече во обраќањето Соња Коцарева Трпезаноска, внука на Коцарев.

  • Во рамките на тоа како фамилија одлучивме овој Орден и единствениот портрет со оригиналниот потпис на доктор Коцарев да биде дониран на музејот во неговиот роден град Охрид. Упатуваме срдечна благодарност на директорот на Музејот на град Охрид и музејските работници кои ја примаат оваа наша донација и за отстапениот простор и презентација на ликот и делото на светски познатиот научник и патриот доктор Анастас Коцарев, кој станува пристапен на пошироката публика. Исполнети сме со радост и голема е честа што конечно сме сведоци дека на заборавениот Анастас Коцарев му се дава музејско претставување во неговиот роден град и полагаме надеж еден ден тој да се врати во Охрид, а со тоа ќе се збогати милениумската и непресушна историја на вечниот наш Охрид. Ви благодарам на поддршката вам од Општина Охрид, Музејот на град Охрид, семејството Коцареви и од здружението „Заборавени Македонци“ кои и понатаму ќе ја збогатуваат оваа збирка за доктор Анастас Коцарев и ќе го чуваат споменот за него како света реликвија.

Градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков се осврна на постигнувањата и значењето на д-р Анастас Коцарев како во светот на науката, така и за Охрид и Македонија, Македонците и македонското прашање во минатото.

  • По откривањето на спомен плочата и донирањето на Орденот „Илинден 1903“, највисокото одликување од претседателот на државата, ќе имаме како општина на ѕидот под самата негова куќа мурал кој што ќе претставува сеќавање на доктор Анастас Коцарев и давање на насока како место каде што тој се родил, живеел и го поминал дел од својот живот. Иницијативата од семејството и од здружението „Заборавени Македонци“ коешто ќе биде доставено до Општина Охрид за именување на значајни места, улици, булевари и плоштади во самиот град со неговото име, односно со доктор Анастас Коцарев ќе ја прифатам и ќе ја доставам до самиот Совет и она што го дадов како идеја пред две и пол, три години, скоро со самата реконструкција на плоштадот „Чинар“ некако ќе се поклопи и плоштадот „Чинар“ во Охрид ќе биде преименуван во плоштад „Доктор Анастас Коцарев“. Со ова ќе завршиме една приказна која што сме ја отпочнале. Но, тука не застануваме. Продолжуваме заедно со здружението „Заборавени Македонци“ со работата поврзано со собирање на материјали, документи, писма поврзани со Анастас Коцарев. Како градоначалник на Охрид заедно со семејството ја почнавме иницијативата за префрлање на неговите мошти од Париз, општина Бонди во општина Охрид. Меѓутоа тоа е процес и тековно ќе видиме каде ќе оди, но ние нема да престаниме со нашата иницијатива. Со сето ова се дава можност да  биде презентиран доктор Анастас Коцарев на пошироката публика и туристите и сите оние кои што ќе го посетуваат овој Музеј да имаат можност, да видат и слушнат за Анастас Коцарев од двата аспекти и од научниот аспект и од борбата за македонскиот народ, додаде Пецаков.

Чест и гордост е нашата установа да биде домаќин и чувар на овој значителен експонат Орден „Илинден 1903“, доделен посхумно од претседателката Гордана Сиљановска Давкова во едно скромно, но значајно катче во прекрасната Куќа на Робевци, рече директорот на НУ Завод и Музеј Охрид Горан Патчев.

  • Чествувањето и сеќавањето на нашиот сограѓанин не е само што ја збогатува нашата национална историја, но ја збогатува и туристичката понуда на градот за оние кои се интересираат за нашата богата историја и е основ за понатамошно проучување на животот и делото и негова валоризација за идните генерации. Со ова се збогатува списокот на плејада познати охриѓани од периодот на преродбата на Охрид почнувајќи од гемиџијата Бошнаков, војводите Методи Пачев, Христо Узунов, па понатака Коста Абраш, Григор Паличев, кои ја формираат таканаречената патека на великани, која е на растојание од само 350 метри. Ве уверувам дека ќе се грижиме и ќе го негуваме и збогатуваме сеќавањето на докторот Анастас Коцарев и понатаму, додаде Патчев.

Д-р Анастас Коцарев е роден во Охрид, на 26 март 1890 година во старо и угледно охридско семејство Коцаревци. Основно образование завршил во Охрид, гимназија во Солун и Битола, а медицински факултет во Женева. Во Швајцарија останал да работи како асистент, лекар и приватен доцент по онкологија на Универзитетската клиника во Женева. Краток период во 1927 година бил професор по експериментална патологија на Американскиот колеџ по медицина во Истанбул, а во 1928 година со својата вереница Сесил Пинел се преселил во Франција каде во 1931 година го одбранил својот втор докторат на Медицинскиот факултет во Париз.

Со својата научна работа д-р Коцарев му се посветил на проблемот на дијагностицирањето и лекувањето на ракот со примена на радиум. Ова истражување ќе го насочи кон блиска соработка со познатата нобеловка, Марија Склодовска-Кири која во тоа време била професор и директор на Лабораторијата за радиум на Универзитетот „Сорбона“. Бил еден од пионерите а радиотерапијата и радиографијата и првиот научник во светот кој направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од рак. Има издадено голем број публикации за својата истражувачка работа и радиотерапијата. Соработувал со голем број истакнати научници од неговото време и често бил застапен во тогашниот печат во Европа и во Америка. Неговите истражувања и експериментални третмани се цитираат и денес, а неговите совреме- ници со право му предвидувале блескава кариера во медицината.

Покрај неговата професионална преокупација медицината, д-р Анастас Коцарев во текот на Првата светска војна и по неа, развил жива политичка активност во Швајцарија и се залагал „за единствена и независна држава Македонија”.

Во 1918 година ги обединил македонските друштва од Женева, Цирих и Лозана во едно тело под името Главен совет на македонските друш тва во Швајцарија (Conseil général des Sociétés Macédoniennes en Suisse) на кое д-р Коцарев најпрво бил избран за потпретседател, а потоа и за претседател. Во 1919 година, во текот на Версајската мировна конференција во Париз, д-р Коцарев во име на Главниот совет поднесол барање да испрати тричлена делегација која би ги застапувала интересите на македонскиот народ. Неговото барање било одбиено од преговарачите на Конференцијата.

Под неразјаснети околности ненадејно починал на 28 март 1931 година во хотелот во кој живеел во Париз и неговото последно почивалиште се наоѓа на Старите општински гробишта во париската општина Бонди.

Н.С.Ј.

Фото: А.Момироска