На свечена церемонија во Скопје, претседателката Гордана Сиљановска – Давкова постхумно го одликува д-р Анастас Коцарев со Орденот „Илинден 1903“ за неговиот исклучителен придонес во медицината и борбата за независна Македонија.

Коцарев е човек од знаење, научник од светски глас и неспорна почит, творец и истражувач чии дела и методи се цитирале и се цитираат во современата медицина, но и политички ангажиран интелектуалец со јасни македонски политички заложби. Со постхумната награда и со обележјето на куќата во којашто е роден, ќе го вратиме Анастас Коцарев дома, а Охрид ќе добие уште еден великан!, рече Претседателката Сиљановска Давкова.

Орденот „Илинден 1903“ е високо државно одликување на Република Македонија, востановено во чест на Илинденското востание. Тој се доделува за исклучителни заслуги во борбата за национално ослободување, државност и придонес кон македонската држава, редејќи се како едно од најзначајните признанија. Истото го доделува претседателот на државата.

Д-р Анастас Коцарев е роден во Охрид, на 26 март 1890 година во старо и угледно охридско семејство Коцаревци. Основно образование завршил во Охрид, гимназија во Солун и Битола, а медицински факултет во Женева. Во Швајцарија останал да работи како асистент, лекар и приватен доцент по онкологија на Универзитетската клиника во Женева. Краток период во 1927 година бил професор по експериментална патологија на Американскиот колеџ по медицина во Истанбул, а во 1928 година со својата вереница Сесил Пинел се преселил во Франција каде во 1931 година го одбранил својот втор докторат на Медицинскиот факултет во Париз.

Со својата научна работа д-р Коцарев му се посветил на проблемот на дијагностицирањето и лекувањето на ракот со примена на радиум. Ова истражување ќе го насочи кон блиска соработка со познатата нобеловка, Марија Склодовска-Кири која во тоа време била професор и директор на Лабораторијата за радиум на Универзитетот „Сорбона“. Бил еден од пионерите а радиотерапијата и радиографијата и првиот научник во светот кој направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од рак. Има издадено голем број публикации за својата истражувачка работа и радиотерапијата. Соработувал со голем број истакнати научници од неговото време и често бил застапен во тогашниот печат во Европа и во Америка. Неговите истражувања и експериментални третмани се цитираат и денес, а неговите совреме- ници со право му предвидувале блескава кариера во медицината.

Покрај неговата професионална преокупација медицината, д-р Анастас Коцарев во текот на Првата светска војна и по неа, развил жива политичка активност во Швајцарија и се залагал „за единствена и независна држава Македонија”.

Во 1918 година ги обединил македонските друштва од Женева, Цирих и Лозана во едно тело под името Главен совет на македонските друш тва во Швајцарија (Conseil général des Sociétés Macédoniennes en Suisse) на кое д-р Коцарев најпрво бил избран за потпретседател, а потоа и за претседател. Во 1919 година, во текот на Версајската мировна конференција во Париз, д-р Коцарев во име на Главниот совет поднесол барање да испрати тричлена делегација која би ги застапувала интересите на македонскиот народ. Неговото барање било одбиено од преговарачите на Конференцијата.

Под неразјаснети околности ненадејно починал на 28 март 1931 година во хотелот во кој живеел во Париз и неговото последно почивалиш те се наоѓа на Старите општински гробишта во париската општина Бонди.

OhridNews