Построги критериуми за добивање еко дозволи се предвидуваат со новиот закон за заштита од индустриски емисии подготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање. Во новиот закон за заштита од индустриски емисии целосно е инкорпорирана ЕУ директивата за индустриски емисии, а се воведуваат и построги критериуми за компаниите.

„Во некои индустриски сектори ќе има големи промени во однос на тоа колку строги ќе бидат максимално дозволените количини на емисии. На пример во енергетскиот сектор ќе имаме построги максимално дозволени количини на емисии“, велат од министерството за животна средина.

Не се очекува трошоците за индустриските капацитети и за државата при имплементацијата на новиот закон да бидат големи, затоа што, во постојниот закон веќе е транспонирана претходницата на оваа ЕУ директива.

„Ќе треба да се направат одредени инвестиции со цел да се почитуваат построгите правила коишто ги наложува оваа директива. Инвестициите ќе бидат за технички документи и за извештајот којшто мора да го прават индустриските капацитети, а од страна на администрацијата, трошоците ќе се сведат само на ажурирање на дозволите коишто треба да бидат во согласност со директивата“, појаснуваат надлежните.

Нацрт-законот ќе биде презентиран на 14 март во Стопанската комора на Македонија каде сите заинтересирани страни ќе може да се информираат за новините што ги носи ова законско решение. Се очекува новиот закон да стапи во сила 2018 година.

OhridNews
извор Макфакс