Зацврстувањето и проширувањето на пријателството преку здружено учество и меѓусебна соработка на сите полиња од заеднички интерес, е само еден дел од меморандумот за пријателство, кој вчера во Котор го потпишаа, градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, градоначалникот на Котор Владимир Јокиќ, градоначалникот на Дубровник Мато Франковиќ и главната советничка на градоначалникот на Мостар, Рада Комадина. Со потпишувањето на меморандумот, четирите града кои се под заштита на УНЕСКО, ја потврдија намерата заедно да делуваат во областа на заштитата и промоцијата на своето природно и културно наследство, со размена на искуства во унапредувањето на јавната свест за значењето на статусот на листата на УНЕСКО.
– Исклучително сум среќен по потпишувањето на меморандумот за соработка и пријателство помеѓу градовите Охрид, Дубровник, Котор и Мостар. Со потпишувањето и како држава и како град се надеваме дека ќе ги унапредиме меѓусебните односи пред се во областа на заштитата на културното и природното богатство. Имавме конструктивни разговори со претставниците на градовите кои се под заштита на УНЕСКО, во кои централно место имаа прашањата околу заштитата на културното наследство и развојот на туризмот и бизнис соработката- изјави градоначалник Јован Стојаноски.
По потпишувањето на меморандумот за соработка, се одржа заеднички состанок на Бордот на директори на Организацијата на градови со светско културно наследство (OWHC).
Во меморандумот за соработка меѓу градовите заштитени од УНЕСКО, покрај соработката за заштита на културното наследство, наведени се и други форми на развивање пријателство преку соработка во спортот, културата и бизнис заедниците.
OhridNews













