Со цел унапредување на заемното разбирање и пријателство помеѓу граѓаните, зајакнување на соработката помеѓу двете општини, постигнување просперитет и развој на општините и  придонес кон развојот на севкупните односи помеѓу Република Македонија и Австралија, градоначалникот на  Охрид, Никола  Бакрачески и  градоначалникот на  Квинбиен, Тим Оверал, денеска потпишаа спогодба  за воспоставување односи на пријателство и соработка помеѓу Охрид и Квинбиен – Австралија.

Во Спогодбата стои дека градот Охрид и Квинбиен формално воспоставуваат односи на пријателство и соработка. Размената на соработката помеѓу двата града ќе се води во согласност со принципите содржани во сите документи издадени или потпишани помеѓу Република Македонија и Австралија.

Двата града  ќе воспостават соработка и размена во областа на економијата, трговијата, туризмот, културата, уметноста, образованието, науката, технологијата, спортот и други области од взаемен интерес. Ќе преземаат активности за унапредување на размената и соработката, заемно ќе се поддржуваат и активно ќе учествуваат во значајните активности во другиот град. Претставниците на двата града ќе се среќаваат во време кое што заеднички ќе го договорат со цел да преговараат за програмите за размена и соработка, стои во Спогодбата.

По чинот на потпишувањето на овој документ за соработка, градоначалниците Бакрачески и Оверал, изразија заедничко задоволство од официјализирање на пријателството меѓу Охрид и Квинбиен во кој живее една од најбројните македонски етнички  заедници во Австралија.

OhridNews