Текстот и сликата се на исто рамниште, потребно е и добра слика и добар текст за успешен медиумски производ. Потребно е почитување на стандардите на телевизиските производи, а за тоа да се постигне потребна е едукација на помладата генерација на сниматели и новинари, вели Трајче Илиевски, претставник на секцијата на сниматели при ЗНМ, на регионалниот настан на Здружението на новинари на тема „Унапредување на соработката помеѓу снимателите и новинарите“ кој се одржува во Охрид.

Нашата професија е тимска и за да постигнеме добар производ, треба да работиме како две тела еден дух. Но, за жал помладите генерации сниматели и новинари, некако избегнуваат од стандардите на телевизиските производи. Мислам дека не се доволно едуцирани, влезени се во професијата адхок. Затоа се одржуваат овие разговори на снимателите заедно со новинарите, за да дојдеме до некакви стандарди кои сме ги имале во минатото. Сега последниве две децении некако многу избегнавме од суштината на нашата професија, вели Илиевски.

Додава дека како претставник на јавниот сервис се’ уште ги запазуваат стандардите и секако не се користат мобилни телeфони за снимање. Но, комерцијалните телевизии најверојатно за да заштедат ресурси избегнуваат од стандардите и почнуваат да применуваат телефони, па се прикажува и тоа што треба и тоа што не треба.

Телефоните се добредојдени за пренос на брза информација и се многу форсирани за некои важни настани. Но, добра приказна, документарен филм неможе да се сними со телефон, треба добра стандардна камера, снимател кој ќе ја знае темата, добра техника. Се надевам дека со вакви средби помеѓу новинарите и снимателите ќе успееме да ја вратиме професијата таму каде што била, зошто ние сме очите на граѓаните, вели Илиевски.

Суштината на работата на една телевизија е токму односнот помеѓу снимателот и новинарот. Снимателот доаѓа во ситуација и после долгогодишно искуство да му објаснува на новинарот зошто не може одредено нешто да се сними. Не постои некоја доверба, што е многу голем проблем, а има и новинари кои ги користат снимателите за лична афирмација, кои сaкаат да се секогаш во кадар. И, тогаш снимателот излегува од стандардите, вели Горан Копривица – снимател  во Радио телевизија Србија – РТС.

Мора да се почитуваат правилата, стандардите и професионализамот и кога новинарот ќе ги знае истите тогаш нема да бара да се снимаат некои работи. Не е исто нештото кога ќе се види со камера и голо око. Кога водиме сметка за стандардот и квалитетот, мора да водиме сметка и за трошоците. Зошто што ќе ни вреди намалувањето на трошоците ако имаме лош производ. Во ред ако е ексклузива, тогаш може да се изреагира со телефон. Но, после тоа доаѓа комплетна екипа според стандардите. Добар снимател може од една конференција да направи фантастичен прилог кој е убав за гледање и од два кадри да остави впечаток и да се запамети. Поентата е во почитување на стандардите додава Копривица.

Од досегашното искуство не сум имал негативни ситуации со новинарите, но соработката може да биде и на повисоко ниво, рече Предраг Перовиќ, снимател од РТЦГ.

Се обидуваат новинарите да им сугерираат на снимателите нешто што тие го имаат замислено, но доаѓаме во ситуација кога на терен ќе излезе дека е нешто сосема друго. Понекогаш доаѓа до некоја конфликтна ситуација во различни мислења, вели Перовиќ.

На работилницата беше утврдено дека соработката помеѓу снимателите и новинарите постои, има голема професионална солидарност, но секогаш има простор за подобрување на кој ќе се работи и во иднина. Оваа работилница наиде на позитивни критики помеѓу секцијата на сниматели и новинарите, но и кај колегите во регионот, што претставува чекор напред во подобрување на условите за работа во оваа област.

Н.С.Ј./ Г.М.