Минатата, 2025 година, бесплатна примарна правна помош добиле 5.000 граѓани, додека секундарна правна помош над стотици граѓани во државава. Сепак, истата релативно малку се искористува, а средствата што се издвојуваат се скромни, некаде околу 3 милиони денари. Потребно е зголемување на овие средства, но и вклучување и на други институции, како граѓанскиот сектор, правните клиники… Ова беше истакнато на отворањето на десеттата Охридска школа на природното право која се одржува во Охрид до 11 јули во организација на Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и со поддршка на Австриската агенција за развој (АДА)

На Охридската школа учествуваат 25 избрани магистранти и докторанти на нашите универзитети, универзитети од странство, како и од Албанија со кои оваа година се организира школата.

Темата на овогодинешната школа е „Бесплатната правна помош“, за која во тек е еден голем проект кој го изведуваат Македонија и Албанија за унапредување на бесплатната правна помош како мошне важен инструмент за зајакнување на пристапот кон правдата, остварувањето на правото на правда, кое не смее да познава разлики во економската, социјалната положба на субјектите на основните човекови слободи и права, вели академик Владо Камбовски од Центарот за стратегиски истражување при МАНУ.

Пректот со Албанија опфаќа мерки и активности кои треба да го зголемат прво финансирањето на бесплатната правна помош. При еден релативно висок процент на сиромаштија, каде имаме голем број кандидати за укажување на бесплатна правна помош, а дел од таа помош се остварува и преку адвокати, постојната состојба со издвојување на средства кои одат преку Министерството за правда кај нас е исклучително скромна. Значи треба да се зголемат средствата, како и вкупната организација во бесплатната правна помош со зајакнување на помошта што треба да доаѓа од други институции, не само адвокатите, туку и од граѓанскиот сектор и тука се особено важни правните клиники кои треба да се развијат на правните факултети, каде што професорите, заедно со студентите, што ќе им биде истовремено и една одлична обука, а од друга страна, ќе има извонредна корист за луѓето кои не можат да издвојат потребни средства за плаќање на адвокати, бидејќи адвокатските трошоци се работат исклучително високи. Според некои бројки, релативно малку се искористува бесплатната правна помош, има неколку стотини случаи на барања пред Министерството за правда и исто така пред адвокати. Вкупниот износ на средства што е издвоен за тоа, во тој дел на државата, мислам дека е мошне скромен и изнесува само околу 3 милиони денари, што е повеќе од симболичен износ, вели Камбовски.

Заменикот министер за правда, Ален Деребан посочи дека темата на годинашната Охридска школа „Бесплатната правна помош“ е актуелна особено за Министерството за правда како даватели на примарната и обезбедувањето на секундарната правна помош преку нашите подрачни одделенија.

Имаме постојана поддршка и од Австриската амбасада, и во однос на имплементацијата на бесплатната правна помош, имаме одлична соработка со Советот на Европа. Минатата 2025 година ние им обезбедивме бесплатна правна помош, примарна правна помош, на над 5.000 граѓани кои го остварија тоа право и обезбедивме право на секундарна правна помош на над стотици граѓани. Тоа значи бесплатно застапување пред судовите, право коишто им е обезбедено за секој еден, и оној којшто финансиски не може да си го обезбеди, да достигне, да ја обезбеди правдата, вели Деребан.

Школата се одвива низ предавања, семинари, презентации со учество и на професори од странство, а поддржана е од австрискиот проект за владеење на правото, односно за бесплатната правна помош која се остварува кај нас и во Албанија.

Австрија со години го поддржува системот за правна помош во Северна Македонија и нејзините соседни земји. И како дел од овој проект, кој го спроведуваме заедно со УНДП, денес го отвораме 10-то издание на Летната правна школа во Охрид која оваа година се фокусира на многу важната тема за бесплатна правна помош, изјави Давид Мукенхуберт, раководител на регионалната канцеларија за техничка соработка на Австриската амбасада.

Инаку, школата се организира со цел унапредување на знаењето и професионалните капацитети поврзани со бесплатната правна помош и клучните механизми за обезбедување еднаков пристап до правда посебно за ранливите категории, велат организаторите.

Иницијативата е во рамките на регионалниот проект EQUALS, иницијатива насочена кон реформирање и унапредување на системот за бесплатна правна помош усогласен со стандардите на Европската Унија и меѓународното право за човекови права.

Н.С.Ј.