Во Охрид вчера официјално започна јубилејното, 5. издание на ракометниот камп „40х20“, кој ќе трае до сабота. Повеќе од 120 учесници од пет држави, Македонија, Шведска, Германија, Швајцарија и Србија во наредните седум дена ќе имаат можност да ги усовршуваат своите ракометни вештини, да стекнуваат нови знаења, да се дружат и да уживаат во бројни едукативни и забавни активности.

Основната цел на кампот останува непроменета, кај најмладите да се развива љубовта кон ракометот, најтрофејниот тимски спорт во Македонија, а на повозрасните учесници да им се овозможи работа со врвен тренерски кадар и дополнителна надградба на нивните знаења и способности, велат организаторите.

Како дополнителна вредност, програмата годинава е збогатена и со предавања и практична работа од областа на спортската психологија, кои ќе ги реализира врвниот македонски спортски психолог и професор на Факултетот за физичка култура, Ленче Алексовска. Воедно, за највозрасните кампери ќе биде спроведена дијагностика на антропометриските карактеристики и моторичките способности, со цел објективна процена на нивниот физички потенцијал. Овој сегмент ќе го реализира професорот Ацевски од Факултетот за физичка култура, посочуваат.
Ракометниот камп „40х20“ своето прво издание го доживеа во 2022 година како составен дел од проектот „Ракомет за секое дете“. Покрај кампот, проектот опфаќа и школа за ракомет, како и организиран турнирски систем во мини-ракомет, со цел создавање квалитетна средина за спортски и личен развој на младите ракометари.
OhridNews










