Голем дел од концесионерите на плажи се уште ги немаат обезбедено капалиштата и немаат ангажирано спасители на вода, информираат од Црвениот крст на град Охрид.

-За жал и оваа година ни половина од концесионерите немаат обезбедено соодветни услови за безбедност на капалиштата, а веќе навлеговме во месец јули. Тоа го направиле околу 40 проценти, а останатите чекаат да почне сезоната или не знам што. Од први јули официјално започна главната туристичка сезона што значи дека плажите издадени под концесија треба да бидат безбедни за капење.-изјави Сашо Точков претседател на општинската организација на Црвениот крст.

Општина Охрид најави засилени контроли на плажите и ги предупреди концесионерите дека ќе се соочат со одземање на дозволите за работа доколку не ги почитуваат обврските од договорите за закуп.

– Локалната самоуправа овој пат ќе има нулта толеранција за прекршителите на договорот и непочитување на истиот, односно ќе биде ригорозна во спроведувањето на инспекцискиот надзор на плажите. Нема да биде поштеден ниту еден концесионер кој нема да се придржува на договорот за концесија на плажи, така да ние можеме согласно тоа што е потпишано еднострано да го раскинеме договорот и да ја активираме банкарската гаранција. –изјави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

Општината најави засилени контроли на плажите и во вечерните часови кога ќе се мери бучавоста од угостителските објекти на крајбрежјето, на што се однесуваат најголемиот број поплаки од туристите и жителите на Охрид.

ОhridNews