Двете повредени лица во тешката сообраќајна незгода која утрово се случи во Кичево и во која животот го загубија три лица,  утрово беа примени во охридската Специјална болница за трауматологија и ортопедија „Св. Еразмо“.

Како што информираат од болницата двајцата повредени се со здобиени тешки телесни повреди и се наоѓаат во животна опасност.

Лицата беа примени на одделението за интензивна нега, по што беа  преземени сите потребни мерки на лекување. Снимките од извршената компјутеризирана томографија покажаа дека едниот пациент има фрактура на пет ребра, повреди на плуќата и мозокот, додека кај вториот примен пациент утврдени се повреди на вратот и органите за дишење по што итно е упатен во Клиничкиот центар во Скопје, изјави д- р Митре Милошоски.

Пациентот кој е задржан на лекување во болницата „Св. Еразмо“ е на интензивна нега каде постојано се следи неговата состојба.

Обично компликациите настануваат по првите 24 часа, поради што состојбата на пациентот постојано се следи. Доколку е потребно ќе се извршат и додатни испитувања, вели д- р Томислав Петровски.

Тешката сообраќајна незгода  во која животот го загубија три лица, а две беа повредени, се случи рано утрово во четири часот и десет минути на улицата „Ужичка република“ во Кичево.

OhridNews