Повторениот судски процес за убиството на охриѓанецот Димитар Матилоски, што на дочекот на Новата 2016-та година во центарот на Охрид го изврши Бојан Угреновиќ (30) од Р.Србија, не започна и денеска. Причина за тоа беше непојавувањето на закажаното рочиште на адвокатот на одбраната Донче Наков, поради што судот констатира дека не се исполнети условите за почеток на главната расправа. Новиот термин за почеток на повтореното судење е 25-ти јули.

Адвокатката на оштетеното семејство, Кристина Панчева Недеска од адвокатската куќа „Мујоски“ од Охрид, истакна дека со одлагањето растат стравувањата дека судечкиот совет ќе мора да донесе решение за укинување на притворот на обвинетиот.

-Со оглед дека на крајот од јули истекува законскиот рок од една година од правосилноста на поднесениот обвинителен акт. Во таков случај судот треба да донесе решение за укинување на мерката притвор на обвинетиот. Тој може да замине во Србија и евентуалното негово присуство на наредни судски рочишта ќе треба да оди по редовен писмен пат со доставување на покана преку Министерството за правда на Република Македонија до Министерството за правда на Република Србија. Меѓутоа можно е со решението за укинување на мерката притвор да се изрече мерка одземање на патната исправа на обвинетиот со што би се обезбедило неговото присуство на наредните рочишта. -изјави адвокатката Кристина Панчева Недеска.

Мајката на убиениот Димитар, изјави дека на денешен ден е роден нејзиниот син, чиј роденден семејството го одбележа на неговиот гроб.

– Од ова место порачувам дека ниеден човек нема право да убива друг човек и никоја мајка не треба да ја доживее трагедијата која ја доживеав јас. – изјави Драгица Матилоска. Нејзините чувства таа ги изрази во книгата „Живот после изгубен живот“ која се продава во хуманитарни цели во Црвениот крст. Таа најави и втора книга која од печат треба да излезе следната година.

Инаку, првично повтореното судење требаше да започне на 5-ти мај, но беше одложено поради неможност на обвинителната клупа од затворот во Скопје да биде донесен обвинетиот Бојан Угреновиќ. Него претходно судот во Охрид го осуди на казна затвор во траење од 16 години. Висината на казната, пак, беше причина Апелацискиот суд во Битола да го врати случајот на повторно судење, кое никако да почне.

 

 

OhridNews