Вчера наутро, околу 6 часот и 30 минути,  избувнал пожар во куќа, во старата охридска чаршија. Опожарената куќа, се наоѓа на шеесетина метри од стариот охридски чинар и во непосредна близина на влезот од пазарот. Според  полицијата, причина за пожарот е човечко невнимание. Според увидот на лице место констатирано е дека се запалила една од просториите на долниот спрат,  при што е опоажрена целата покуќнина и старите предмети, кои биле лесно запаливи.


Опожарената куќа е во сопственост на семејството Паскали, кои не живееле во неа, туку  ја имале отстапено на користење на свој поблизок роднина.  Тој живеел сам во куќата и бил дома кога избувнал  пожарот.

Огнената стихија причинила поголема материјална штета која е проценета на 50.000 денари. Станарот се здобил со полесни изгореници, но се наоѓа во стабилна здравствена сотојба. Поради брзата и ефикасна интервенција на охридските пожарникари, кои навреме пристигнеле на местото на несреќата, пожарот е локализиран, со што се спречила можноста, истиот да се префрли и на соседните куќи. 

– Иако пожарот беше локализиран околу 7 часот,  пожарникарите останаа на местото на несреќата до 10 часот претпладне.  Како превентива, да не се повтори огнот, од куќата ги извадија сите предмети  и делови од мебелот. Доколку не се реагирало навреме, можела да се случи поголема катастрофа. Куќата е лепенка со две соседни куќи и постоеше опасност огнот да зафати и нив, но за среќа не се случи такво нешто. -вели Спасе Прентоски, командир на Пожарникарната станица во Охрид.

Тој нагласи дека поради тоа што куќата е многу стара, во текот на интервенцијата се користел помал млаз на вода, затоа што постоела опасност, под  поголем притисок на вода, да попушти конструкцијата на куќата.


Со брза интервенција спречена поголема катастрофа

Е.Е.