Пожарот што вчера избувна во околината на Кочани е локализиран.

Огнот кој поради ветрот брзо се рашири и зафати неколку куќи на периферијата на градот се закануваша да предизвика поголема катастрофа, но по повеќечасовна битка на пожарникарите од повеќе градови од истокот на земјата, тој е ставен по контрола.

Кочани во изминативе денови се соочува со пожари кои на различни локации прават огромни штети и проблемот е сериозен. Пожарот што избувна околу 13 часот во непосредна близина на селото Бели, потпомогнат од сувата трева, силниот ветер, се ширеше во различни правци, во зависност од тоа во кој правец дуваше ветерот и правеше огромни проблеми на противпожарната единица и на сите оние кои дејствуваа врз оваа стихија. Во еден момент, кога се доближуваше до селото, противпожарната единица од Општина Кочани успеа да го спречи тој дел, понатаму пожарот продолжи да се шири по инудстриската зона каде што исто така се смени правецот на ветерот, меѓутоа противпожарната единица успеа и тој дел да го локализира, објасни градоначалникот.

Илијев натаму информира дека поради промена на правецот на ветерот, пожарот продолжил да се шири кон правец на градот кадешто има зелен појас од борова шума, којашто беше зафатена. Тој рече дека и високите дрвја направиле огромен проблем и пожарот се доближил непосредно до куќите, дури и зафатил две куќи, а понатаму продолжил да се шири по улиците каде има сува трева и навлегол во тој дел од населбата Драчевик.

За среќа тука пожарот успеа да се спречи да се шири, но продолжи да се шири во другиот правец на градот, кон складот на дрва на Национални шуми каде што се уште гори, меѓутоа дежураме со неколку возила и постоеше опасност да се прошири кон централното градско подрачје што навистина беше загрижувачко, рече Илијев.

Илијев изрази благодарност до противпожарните единици во Кавардци, Велес, Штип Пробиштип, Македонска Каменица, Берово и од целиот Исток, како и до градоначалникот на Скопје Шилегов, за упатената помош.

OhridNews
Фото: МИА