По одиграните натпревари од Азиското кошаркарско првенство, Кина обезбеди директен пласман на Олимписките Игри во Лондон, додека Кореја и Јордан ја комплетираат квалификациската група за пласман во која е и Македонија.


На квалификацискиот турнир за пласман на Олимписките игри покрај Македонија ќе учествуваат Русија, Литванија, Грција, Доминиканска Република, Порторико, Венецуела, Ангола, Нигерија, Нов Зеланд, Кореја и Јордан.

Директен пласман на завршниот турнир на Олимписките игри обезбедија: Шпанија, Франција, САД, Аргентина, Бразил, Велика Британија, Австралија, Кина и Тунис. Последните три учесници ќе бидат познати по квалификацискиот турнир.

Систем на натпреварување

Репрезентациите ќе бидат поделени во четири групи (по три екипи), каде носители се четирите европски селекции. По одиграните два натпревари во групната фаза, третопласираните екипи на табелите го завршуваат натпреварувањето.


Првопласираните две репрезентации продолжуваат во четвртфинале каде играат по систем “првиот од А група против вториот од Б група и обратно“, односно “првиот од Ц група против вториот од Д група и обратно“.

Поразените во четвртфиналните средби го завршуваат натпреварувањето, додека победниците влегуваат во полуфинале, по кое ќе се играат финале и меч за трето место. Финалистите патуваат на Олимписките игри, а ќе им се придружи победникот во мечот за третото место.

Според овој систем, за пласман на Олимписките игри од квалификацискиот турнир, потребно е да се одиграат минимум пет средби во седум дена.

ohridnews