Идејата околу евентуалното адаптирање на улицата на Кејот „Македонија“ во пешачка зона ги подели мислењата на претставниците на локалната и централната власт кои се од иста политичка опција. „Не постои град на езеро или на море во Европа – атрактивна туристичка дестинација – каде што главната сообраќајница што се протега по крајбрежјето – непосредно покрај кејот, променадата или шеталиштето – се затвора за одвивање на моторен сообраќај…“ напиша на својот фејсбук профил пратеникот и доктор по сообраќајни науки Томислав Тунтев.
„Таквата сообраќајница, што ги исполнува сите инфраструктурни, градежни, технички и сообраќајни стандарди и услови за одвивање на моторен (динамички и стационарен), велосипедски и пешачки сообраќај, никогаш не се претвора во пешачка зона… напротив, таа улица во сите туристички урбани центри е главна собирна сообраќајна “артерија”, што еднонасочно ги “впива, води и извлекува” сите сообраќајни текови од старото градско јадро и централните пристапни улици и овозможува непречено, безбедно и уредно одвивање на сообраќајот.“ – напиша пратеникот Тунтев
Претставници на Општина Охрид, во рамки на меѓународен проект во кој се вклучени седум други градови од Србија, Украина и Турција, работат на изготвување на физибилити студија за адаптирање на улицата „Македонија“ на градскиот кеј во пешачка зона. За таа цел изминатиот период беа спроведени анкети за испитување на јавното мислење, кои ќе бидат искористени во понатамошните фази на проектот за уредување на градскиот кеј во Охрид. На оваа актуелна тема свое мислење дадоа и читателите на OhridNews.
Од локалната самоуправа појаснуваат дека конечната одлука околу идното сообраќајно уредување на кејот ќе зависи од резултатите што ќе се добијат од интергрираната студија за Охрид, која е во фаза на изготвување.
-Се работи на студијата за Охрид која не може да се донесе за 3-4 месеци. Во моментов работиме парцијално една сообраќајна студија која е дел од интегрираната студија за Охрид, која предвидува снимање на сообраќајот во центарот и старото градско јадро. Тоа треба да го олесни начинот на донесување на урбанистичките планови во оние 19 единици во старото градско јадро кои министерството за транспорт и врски е обврзано да ги донесе од страна на УНЕСКО, а со тоа и да го регулираме сообраќајот. – вели градоначалникот Јован Стојаноски.
Тој додаде дека овој период идната година ќе заврши комплетното студиозно снимање на сообраќајот и ќе биде готова сообраќајната студија, врз основа на што ќе бидат изготвени припремните проекти за уредување на кејот и за сообраќајницата Кеј „Македонија“.
Г.М.














