Триесет и тројцата кандидати за пратеници од опозициската коалиција предводена од СДСМ, денес, поднесоа оставки во Собранието на Република Македонија за пратеничките мандати добиени на предвремените парламентарни избори, освен кандидатот за пратеник Роза Топузовска – Каревска. Оставката ја поднесоа сите кандидати кои претходно потпишаа и на нотар дека нема да ги прифатат добиените мандати.

Лидерот на партијата, Зоран Заев, по поднесување на оставките истакна дека целта на ваквата постапка е да и’ се стави „јасно до знаење” на власта дека „на сила не може да ја внесе опозицијата во парламентот” и најави дека СДСМ заедно со своите коалициони партнери во моментов работат на платформа за натамошно вонпарламентарно дејствување.

„Целта е јасна и единствена, враќање на демократските институции и создавање услови за одржување слободни, фер и демократски избори на кои ќе биде реализирана вистинската волја на граѓаните на Република Македонија”, истакна Заев во својата изјава за медиумите дадена пред Собранието.

На прашање како ја оценува одлуката на кандидатот за пратеник Роза Топузовска – Каревска, сепак, да се врати во парламентот, Заев истакна дека ќе ја почитува секоја поединечна одлука и нагласи дека неговата колешка „сé уште има време да се премисли” и да се приклучи кон останатите свои колеги.

Во однос на обвинувањата дека со своите постапки опозицијата ќе придонесе за негативен извештај од Европската комисија за напредокот на земјата, како и за кочење на интегративниот процес, Заев рече дека грешката не треба да се бара во опозицијата. тука дека таа е во дејствувањето на владејачката гарнитура.

Тој нагласи дека пред да донесат одлука за своите сегашни дејствувања, во претходните мандати ги исцрпиле сите мерки и инструменти за подобрување на ситуацијата, учествувале во парламентот и биле коректив на владата, прифаќале дебати и разговори за проблемите.

„Донесовме извештај за случувањата од 24-ти декември, донесовме изборен законик, секогаш потенциравме дека повеќе криминални избори нема да дозволиме и, за жал, целиот овој политички дијалог беше злоупотребен и со секој нареден чекор власта стануваше се подрска и побезобразна во делот на владеењето. Таквото однесување беше констатирано и во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР”, истакна Заев и додаде дека токму поради ваквиот однос на власта, според него, ова во моментов е единствениот чекор со кој може да се изврши притисок за „враќање на демократските институции, и демократското функционирање на државата”, како и за заштита на правата на сите граѓани во земјава.

Во спротивно, рече Заев, ќе имаме парламент без опозиција, а тоа, како што истакна, е многу лошо за државата.

Според Изборниот законик, ако пратеник поднесе оставка, Собранието на првата наредна седница констатира дека на пратеникот му престанува мандатот од денот на одржувањето на седницата по што пратеничкиот мандат се префрлува на наредниот кандидат од листата на истата партија или коалиција. За префрлањето на мандатот на наредниот кандидат од листата Државната изборна комисија треба да го извести кандидатот од листата во рок од три дена. Наредниот кандидат во рок од 8 дена треба да ја извести ДИК дали го прифаќа мандатот и доколку и тој го одбие, тоа право се пренесува на наредниот кандидат, се додека не се исцрпи листата. Доколку никој од листите на СДСМ не прифати да биде пратеник, Изборниот законик предвидува дополнителни избори.

OhridNews

извор Макфакс