Првата средба на претставниците на парламентарните партии што се одржа во Охрид во рамки на дијалогот „Жан Моне“, заврши со усвојување на заклучоци во кои тие изразуваат подготвеност за дијалог и компромис за унапредување на работата на законодавниот дом и зајакнување на легислативните и надзорните капацитети на Собранието, како клучна важност за членството на земјата во ЕУ.
Како што се истакнува во заклучоците, делегациите на парламентарните партии постигнаа консензус по четири клучни области од работата на Собранието и тоа потребата од Изготвување етички кодекс за однесувањето на самите пратеници во и надвор од Собранието, реформи на Деловникот на Собранието за што би била формирана Работна група, соодветни мехамизми за имплементација на договореното во рамки на Дијалогот, што исто така би го спровела Работна група за реформи и работа на Собрание, како и натамошна соработка на административно ниво меѓу Собранието и Европскиот парламент, што би вклучувала и размена на најдобри практики и техничка експертиза.
-Реално сме убедени дека нашиот дијалог нуди вистинска можност да се стави Собранието не само во центарот на градење консензус во врска со законодавството за поддршка на реформската агенда на ЕУ, но и да ја предводи истата, употребувајќи ја сета своја демократска легитимност, проверка и легислативна надлежност. Со цел да се задржи реформскиот моментум, се согласивме да воспоставиме механизам за имплементација кој би обезбедил постигнатиот политички консензус да се проследи во соодветните тела на Собранието. – се наведува во заклучоците од состанокот.
Процесот „Жан Моне“ беше инициран од европратениците Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан и се смета како реализација на дел од реформите во земјата кои се дел од планот „3-6-9“ за приближување на земјата до ЕУ.
Првиот дел од разговорите на парламентарните партии заврши со заедничка вечера на нивните лидери во ресторан во центарот на Охрид.
OhridNews














