Откако не најде храброст сам да ја напушти македонскaта клупа, селекторот на македонската фудбалска репрезентација Мирсад Јонуз по серијата слаби резултати мораше да чека на Управниот Одбор на ФФМ да му врачи отказ.


Управниот немаше двојби, едногласно не го прифати извештајот и се одлучи да ни ги скрати маките и нас, но и на селекторот кој без разлика како ќе заврши овај циклус ќе биде запаметен по најголемиот пад кој Македонија го доживеа на ФИФА рејтинг листата. Кон крајот на месецов според проценките ќе паднеме на 98 место.

Кој ќе биде “награден“ со четири меча гратис водење на македонската селекција ќе биде познато на наредната седница на УО на која ќе се расправа за условите за избор на нов селектор на А-националниот тим.

Мирсад  Јонуз го наследи словенецот Катанец на клупата, а тој беше е деветиот селектор на „А“  репрезентацијата.  Првично селекторот доби шанса да ја води Македонија до крајот на циклусот за Мундијалот во ЈАР.

Мирсад Јонуз ќе биде запаметен како (не)успешен на селекторската позиција. Редовниот критичар на работата на поранешниот селектор Сречко Катанец, на дело покажа дека е далеку од квалитетите на препотентиот словенец кој не успеа да направи квалитетивен исчекор со “то је то“ тимот. 

“Вечниот“ селектор на фудбалските надежи кој седум години ја предводеше младинската селекција, доби можност и во “А“ тимот. Ниту кај младите, а уште малку кај сениорите не успеа да потврди довербата која ја доби на послужавник.

Првиот селекторски циклус ќе биде запаметен по шлаканицата на Седлоски над Попов,  и (не)простувањето на Шакири од дресот со националниот грб на мечот со Шпанија.  На четирите квалификациски меча постигнавме една победа, едно реми и два порази. Постигнатите резултати беа доволни за УО да му довери нов мандат на Мирсад Јонуз со траење од две години. 

По извлечената ждрепка Јонуз ветуваше брда и долини. Второ место, пласман на ЕП, а дури напомена дека 4 – место ќе го смета за неуспех. Кумановецот за разлика од Катанец го отвори затворениот список на словенецот во кој тешко се влегуваше, а уште потешко се излегување.  Но се чини дека Јонуз и премногу го “рашири“ списокот па во неговата ера беа испробани плејада играчи,  но во одлучувачките моменти, селекторот се повикуваше на проверените.  Но ниту тие не ни го донесоа позитивниот резултат.

Не сметајќи го мечот со Андора, за воља на вистинита во овај циклус стварно немавме среќа. Примаме гол против Словачка во судиското надполнување. На мечот со Русија , Наумоски при 0-1 промашува пенал, екстремно лоши половина час  имаше Нурединовски кои ги плативме со пораз од Ирска. Во Скопје на реваншот примаме два гола по почетнички грешки, а при 0-2 Тричковски промашува најстрога казна.  Единствениот меч на кој постигнавме два гола беше онај со Ерменија на кој пак едвај се спасивме од пораз.

По одиграните шест рунди, една победа, едно реми и четири порази, за Јонуз далечно е вечното четврто место , кое  уште на стартот беше одредено како неусех.

Македонската фудбалска репрезентација не е на Јонуз, таа не е и на Хари, таа е моја, ваша, на сите нас. На нашиот успех сите се радуваме, а верувам дека подеднакво тажиме кога ќе мора после мечот да подадеме рака.

Јонуз заминува во историја, каде покрај слабите резултати ќе ги понесе и средствата кои како што напоменал ќе ги бара по правен пат. Среќен пат селекторе….

Мирко Постоловски