Охрид за продолжениот викенд за празникот Илинден е целосно исполнет со гости од целата држава. И во ек на пандемија од корона вирус градот пулсира во ритамот на туризмот. Слободни соби во приватното сместување за овој викенд нема од поодамна, а целосно се исполнети и хотелските капацитети.

Синоќа шеталиштата и плоштадите во Охрид беа преполни со гости, а на кејот покрај Охридското Езеро и  во чаршијата луѓето едвај се разминуваа. Во таква гужва држењето дистанца едноставно е невозможно, а голем дел од луѓето на отворено не носат ниту маски.

И покрај актуелната здравствена состојба луѓето се собираат во групи, особено помладите. Освен клупите, парковите и шеталиштата тие ги запоседнаа и пристаништатита во центарот на градот.

Градот овие денови живее динамично и бучно 24 часа. По затварање на локалите младите уште долго се шетаат низ градот, а по парче бурек, пециво или сендвич забавата најчесто ја продолжуваат на отворено или по терасите од домовите каде се сместени. Малку тивнува во мугрите, за да можат дежурните служби на јавното комунално претпријатие да ги расчистат улиците и шеталиштата од големите количини отпад што посетителите го оставаат зад себе.

Со првите сончеви зраци Охрид повтоно почнува да пулсира во ритамот на туризмот, а забавата од градот се сели на плажите каде деновиве нема место каде да се стави пешкир.

Г.М.
Фото: А. Момироска