2006-то лето Господово. На централниот плоштад во Охрид беше откриен споменикот на заштитникот и патрон на градот Св. Климент Охридски, на Гимназијата и беше „вратен“ потпокривот, Брајан Фери одржа концерт во салата „Билјанини извори“, а Паско Кузман најави дека на Плаошник ќе биде возобновен Свети Климентовиот универзитет. Тоа го откри во авторски текст објавен на 7 декември 2006 година на OhridNews со што официјално започна со работа Првиот информативен портал во Охрид и Република Македонија. Тогаш во земјата имаше нешто над 300 000 корисници на интернет кои се радуваа на новиот ADSL, а голем број се уште сурфаа на ISDN и dial-up. Вест на денот во светот тој 7ми Декември беше торнадо кое разори стотина домови во северозападен Лондон, а во Охрид вестите почнаа да се продуцираат и конзумираат на нов начин.
Петнаесет години години подоцна OhridNews и натаму е лидер во информативниот простор во регионот и пошироко, а интернетот е секојдневие за речиси секој граѓанин на земјата. Порталот кој денес има сериозна медиумска редакција, изминатата деценија и пол продуцираше речиси 130 000 вести. Во најголем дел авторски текстови на плејадата новинари кои минаа низ редакцијата, оставајќи секој од нив видлива трага во информативниот простор, во кој ден денес OhridNews е препознатлив како медиум со најголема доверба и верна читателска публика на која и станавме добра навика.

Според Google analytics, бројот на посетители на порталот од почетокот со работа се зголемил за речиси 3000%, додека бројот на прочитани објави се зголемил за речиси 914% помеѓу 2007 и 2020 година. Тоа е резултат на вредната работа на актуелните и сите досегашни соработници на порталот, континуираните подобрувања и иновативниот пристап кон работата, што особено е нагласен токму во годината кога OhridNews одбележува 15 години работа.
Покрај препознатливиот начин на информирање кој се заснова исклучиво на професионалните стандарди и етички норми, OhridNews постојано воведува новини во работењето. Од средината на оваа година започна со работа ново и комплетно опремено студио каде се продуцираат емисии, креативни прилози и содржини кои се споделуваат и на платформите на медиумот на социјалните мрежи. Интервју, На муабет со, Спорт+, Обични херои, 1 минута Вести, емисии и вклучувања во живо од терен, се новитети кои ја збогатија продукцијата на OhridNews, овозможувајќи нова развојна компонента на медиумот, за што длабоко сме благодарни на нашите поддржувачи, спонзори и деловни партнери со висок сенс за општествена одговорност.
OhridNews не застанува тука. На крајот од месецов ќе биде промовирано 8то издание на Годишната ревија на настани и ќе бидат доделени наградите на редакцијата на личности и организации кои со своето професионално делување оставија трага во заедницата во годината што изминува. Исто така ќе биде објавен и спортски документарен филм, а во напредна фаза е високо квалитетен повеќејазичен дигитален производ, кој OhridNews го развива со поддршка на експерти од земјава и странство.

Се разбира ништо од ова нема да беше возможно без нашата почитувана публика, која верно не следи, не поддржува, критикува и поттикнува да продолжиме по патот којшто сме го зацртале како професионален медиум кој, како и до сега, ќе продолжи да работи единствено за јавниот интерес.
Ви благодариме на довербата со која не следите полни 15 години. Приказната продолжува!
Ваш OhridNews














