Центрите за развој од осумте плански региони од државата, во Скопје, во организација на Германското друштво за техничка соработка – ГИЗ Ред Програма и Швајцарската агенција за развој и соработка, пред бројни претставници на меѓународната заедница ги презентираа прифатените регионални проекти во рамките на Грантовата шема условена со перформанси. Одобрени се вкупно 29 проекти, најголем дел од инфраструктурен карактер, а за што се издвоени 400.000 евра, односно поединечно по 50.000 евра за секој Центар за развој. Основната намера на организаторите беше, преку презентацијата, да се анимираат меѓународните донатори со цел да се пристапи кон конкретна изведба на некои од горливите проблеми со кои се соочуваат регионите во Македонија.

Што се однесува до Југозападниот плански регион, како што веќе и е познато на јавноста, одобрени се вкупно 4 проекти, за кои во моментов течат тендерските постапки. Наскоро се очекува да бидат потпишани договори со економските оператори и да се премине кон изработка на техничка документација, односно основни проекти за пречистителна станица во населба Трпејца и во Центар Жупа, колекторски систем од Калишта до Радожда и за Анализа за најповолна изведбена варијанта за пречистување на отпадните води во Кичево. Согласно договорот документацијата за споменатите проекти треба да биде завршена до крајот на јули годинава.

Наскоро се очекува претставниците на меѓународната заедница да ги информираат општините од Регионот за прифатливите изведбени проекти, при што врз основа на досега преземените активности од страна на Центарот за развој, најголемо внимание кај донаторите предизвикува заштитата на Охридското Езеро.

– Реално е да се очекува грант да биде одобрен за Трпејца, а можно е и за целосен систем за заштита на Езерото од неговата западна и источна страна. Возможно е грантот да биде 100 процентен што е од особено значење за висината на средства што ќе треба граѓаните да ги издвојуваат на месечно ниво за пречистување на отпадните води.  Далеку понеповолно е доколку системот се гради по пат на заем или кредит, велат од Центарот за развој на југозападниот плански регион.  

Инаку, Центарот за развој успеа преку Министерството за животна средина и просторно планирање да резервира 10 милиони евра од линијата за регионален развој на ИПА 3 компонентата за изведба на колекториски систем за отпадни води во Кичево.

Вчерашната средба во Скопје ја поздравија и оценија како значајна во напорите што ги прават Центрите за развој во надминување на проблемите на Регионите,  вицепремиерот во Владата на Македонија, Владимир Пешевски, министерот за локална самоуправа Тахир Хани, амбасадорот на Швајцарија во Македонија, Стефано Лазарото и  заменик-амбасадорот на германската амбасада во Македонија, Ханс Хегле Зандер.  

OhridNews