Еден ден пред официјалното одржување на акцијата Ден на дрвото, во  Холандскиот парк, денес беа засадени дел од палмите кои, според најавите, ќе го красат централното градско подрачје и приодите кон градот.Садеа градоначалникот Никола Бакрачески, претставници од локалната самоуправа, Факултетот за туризам и угостителство, Унивезритетот Св. Апостол Павле, јавните инстуции.

Ова е наш придонес кон утрешната акција која ќе се спроведе во целата земја и која според мене е една од најкорисните акции на владата, со цел подигнување на свеста за обновување на зеленилото. Упатувам апел до граѓаните што помасовно да се вклучат во акцијата, бидејќи знаеме дека зеленилото и дрвата се белите дробови на секоја средина, рече градоначалникот Бакрачески.

Како што истакна проректорот на Унивезритетот  за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“, професор д- р Иван Бимбиловски, Денот на дрвото е особено важен како празник кој се разликува од останатите.

Сите празници го слават минатото, овој ја одбележува иднината . Убаво е да се садат дрва. Да парафразирам една кинеска поговорка која вели: најдобрата прилика да се посади дрво е пред 20 години. Втората најдобра прилика е денес. Не ја пропуштајте, изјави проректорот Бимбиловски.

Деканот на ФТУ, проф. Д- р Сашо Коруновски потенцира дека со задоволство се приклучува и ја подржува акцијата која е особено важна за сегашните, но и идни генерации.

Охрид не може да претендира да биде туристички центар без зеленило, колку повеќе дрва и зеленило има во градот, тоа е богатство за нас и нашите гости, рече Коруновски.

Палми засадија и охридските новинари.

Денес засадените палми се дел од вкупно најавените сто влакнести палми кои ќе се садат во Охрид. Како што беше кажано при засадувањето на првите неколку покрај кејот  на езерото, станува збор за вид на палма која одговара на условите од нашето поднебје и која издржува и на температури и до минус десет степени.

Т.Кувенџиска