Денеска се одбележуваат 117 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев, визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите.

Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. Делчев е убиен од османлиската војска на денешен ден во 1903 година во селото Баница, Серско, каде бил предаден.

Неговите посмртни останки првин се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

ЖЕСТОКА ДЕБАТА ПОМЕЃУ БУГАРИЈА И МАКЕДОНИЈА ЗА ИДЕНТИТЕТОТ НА ГОЛЕМИОТ РЕВОЛУЦИОНЕР

Одбележувањето на 117-годишнината од смртта на Гоце Делчев, минува во сенка на жестоката дебата помеѓу Бугарија и Македонија, за идентитетот на големиот револуционер. Таа кулминира токму овие денови, по јавниот настап на првиот министер за надворешни работи на независна Македонија Денко Малевски во бугарските медиуми, каде тој изнесе свои ставови, меѓу другото и дека Гоце Делчев бил Бугарин, и дека со бугарите некогаш сме биле ист народ.

Гоце Делчев, претставува камен на сопнување и во заедничката меѓудржавна комисија формирана согласно Договорот за добрососедство, со цел да расветлат одредени историски моменти, случувања и личности. Нејзината работа речиси е запрена откако од неа се инсистира да се произнесе дали Гоце Делчев е Бугарин или Македонец. Според историчарот Драги Ѓорѓиев, кој го предводи македонскиот тим, доколку се инсистира на тоа, не ќе може да се постигне решение, укажувајќи дека идентитското прашање не може да се гледа едноставно.

Гоце Делчев е роден во Македонија и има силен географски, регионален македонски идентитет. Борбата на Гоце Делчев е за Македонија. Политиката на Гоце Делчев е за Македонија и таа да биде ослободена, и тој политички идентитет на Гоце Делчев е силен и кој ги надминува сите други идентитети. Страста на Гоце Делчев е Македонија, емотивно Гоце Делчев е врзан за Македонија. Гоце Делчев гине за Македонија и од тој аспект Гоце Делчев според мене лично не може да го одвоите од македонскиот народ. – изјави деновиве Ѓорѓиев за Тв 24.

Според Ѓорѓиев, Комисијата треба да препознае нешто кај Гоце Делчев што може да ги спои двата народа и да биде заеднички чествуван.

БАН ВО 1946: ГОЦЕ – БЕСМРТЕН И ЛЕГЕНДАРЕН СИН НА МАКЕДОНИЈА

Во контекст на историските дилеми и расправи за Гоце Делчев, околу кои деновиве се крена голема прашина во двете земји, познатиот македонски писател и поет Ристо Лазаров, на социјалните мрежи го сподели завршниот дел од говорот на Тодор Павлов, претседател на Бугарската академија на науките, одржан на 7. октомври 1946 година, на свеченото собрание во Народниот театар во Софија по повод пренесувањето на коските на Гоце Делчев од Софија во Скопје. Во него тој Гоце го нарекува – Бесмртен и легендарен син на Македонија.

​Македонија може да биде, треба да биде и ќе биде, најпосле обединета во своите природни историски граници. А така обединета, слободна, суверена и во секој однос напредна, таа навистина ќе биде моќно обединувачко јадро меѓу балканските, словенските и другите демократски народи – славна историска ролја, што ù беше предодредена на времето токму од нејзиниот бесмртен син Гоце Делчев.

​Поклонувајќи се од името на отечественофронтовска народна републиканска Бугарија пред светите коски на легендарниот син на Македонија и искажувајќи го своето длабоко убедување, дека овој историски симболичен акт ќе послужи за уште поголемо, поцелосно, уште порешително зближување и дружба меѓу бугарскиот народ и народите на братска Титова Југославија и поспецијално македонскиот народ, извикувам:

Да живее слободна, суверена, народно-републиканска и во секој однос напредна федерална Македонија – остварена мечта на бесмртниот и легендарен нејзин син – ПРЕДВЕСНИК НА НАРОДНИОТ МАКЕДОНСКИ ФРОНТ – ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ.

Тодор Павлов – претседател на Бугарската академија на науките ( 7. октомври 1946 г.)

ОhridNews