Незаборавно музичко доживување исполнето со виртуозност и длабока емоција приреди италијанското трио „Кимера“ кое настапи вчеравечер на 66.издание на фестивалот „Охридско лето“.

Виолинистот Стефано Ракањи рече дека за фестивалот конципирале посебна програма и оти акустиката во храмот, како што кажа, била топла, особено за пијаното.
Репертоарот е посебно создаден за фестивалот „Охридско лето“. Ги имавме „Петте куси пиеси“ од Триото број 1 на чешкиот композитор на модерната класична музика Бохуслав Мартину. Тој пишувал долги сонати, но не и во овој случај. Пред тоа отсвиривме потрадиционална класична музика од Бетовен. Тој како млад композитор сакал да ги покаже своите способности пред публиката во Виена и затоа го создал ова Трио во Це-мол опус 1 број 3 кое е најромантично и истовремено бурно по карактер дело. Вечерта ја завршивме со славното дело на Дмитри Шостакович, Трио бр.2 напишано за време на Втората светска војна и посветено на неговиот драг пријател Иван Солертински, руски музиколог и полиглот, појасни Ракањи.

Инспирација и искуство црпат од соработките со Миша Мајски, Амирам Ганц од триото „Алтенберг“, од Антонио Менезес и од Екарт Рунге кој е член на квартетот „Артемис“.Триото е официјален член на Европската академија за камерна музика.
OhridNews













