Министерството за транспорт и врски во април по пат на јавно наддавање ќе ги издаде под закуп веќе уредените плажи на охридското крајбрежје, кои за прв пат беа дадени под концесија во 2007 година. Покрај овие под закуп ќе бидат дадени уште 15 други плажи  на атрактивни локации и  плажите кои се наоѓаат пред угостителски објекти. Заинтересираните ќе треба да ги уредат согласно условите во конкурсот, односно да изградат паркинг простор со бекатон плочки, да постават шанкови, да го попесочат брегот со автохтон материјал…


Експертите од Хидробиолошкиот институт од Охрид, кои учествуваа во изработката на стручното мислење кое е доставено до надлежното министерство, предупредуваат на внимателност. Тие велат оти не е доволно само да се пропишат норми за уредување на плажите, туку и да се врши строга контрола, посочувајчи дека никако не смее да има бетонирање и цврсти градби во вода и на брегот, затоа што тоа може да го наруши природниот баланс во езерото.

-Носење на алохтони материјали како песок, чакал и друго, кои може да содржат најразлични видови ларви и микроорганизми кои не се специфични за Охридското Езеро,  може да го загадат езерото па дури да предизвикаат исчезнување на значајни видови од езерото, изјави  Д-р Ленче Локоска од  Хидробиолошки институт- Охрид.

На дел од плажите оваа година ќе бидат поставени мали монтажни пристаништа, кои според Локоска не ја загрозуваат животната средина, што не е случај доколку на нив се постават пумпи за точење на гориво како што се предвидува во јавниот оглас.

-Постои голема опасност, затоа што тука секогаш има можност за хаварија. Може да дојде до излевање на тие нафтени деривати кои што ќе предизвикаат загадување на езерото, предупредува Локоска.


Д-р Локоска посочува дека под концесија треба да се даваат само оние делови од охридското крајбрежје каде што постојат природни плажи, затоа што преголемата комерцијализација може да предизвика негативни последици по целокупниот жив свет во езерото.

Горан Момироски