Прекинат Јавниот повик за субвенционирање на набавка на инвертер клима уреди поради исцрпување на предвидениот буџет информираат од Општина Охрид.
Се известува јавноста дека поради големиот интерес и целосно исцрпување на предвидените средства од буџетот на Општина Охрид, се прекинува Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за набавка на модерен систем за затоплување-инвертер клима уреди за 2022 год, информираат од Општина Охрид.
Јавниот повик беше објавен вчера, а како што информираа од Општина Охрид истиот требаше да трае заклучно со 30 април 2022 година или до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Општина Охрид за оваа намена, во зависност од тоа кој услов ќе настапи прв.
Општина Охрид преку овој повик на жителите кои имаат купено посовремен уред за затоплување – инвертер клима уред во 2022 година ќе надомести дел од трошоците направени при набавка на уредот во висина од 50%, но не повеќе од 15.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство.
Целта е да се стимулираат жителите за примена на посовремени уреди за затоплување на своите домови, кои се поекономични, енергетски поефикасни и еколошки прифатливи за околината, информираа од Општина Охрид.
OhridNews













