Со настап на театарската група на Црвен крст Охрид, синоќа во предворјето на Св. Софија, започна шестото издание на Меѓународниот аматерски театарски фестивал „ВДИШАТ ТЕАТАР“.

Најпрвин беше извен музичко-сценскиот перформанс „ВДИШИ ТЕАТАР 5“, кој всушност претставува  кратка ретроспектива на сите досегашни претстави на Црвен крст Охрид кои го отвараа театарскиот фестивал “Вдиши Театар” од 2014 година наваму. Воедно тоа беше и најава за театарската претстава на Црвен крст Охрид со наслов  „ДОМИНО“, во режија на Јован Цветкоски, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц.

Младите актери аматери на Црвен крст Охрид сликовито ги пренесоа пораките дека животот е како ДОМИНО и кога ќе се случи некој настан, тоа предизвикува да се случи нешто друго, па нешто трето, и така сѐ со ред, додека не дојде до некоја кулминација од таа серија настани…а животот е полн со настани кои неизбежно се случуваат.

Втората вечер од театарскиот фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“, е резервирана за театарската група на Црвен крст Битола, кои вечерва, 13.06.2019 г.,  во предворјето на црквата Св.Софија со почеток во 20:30 ч. ќе ја изведат театарската претстава „ВИКЕНД НА МРТОВЦИ“, од Коле Ангеловски.